Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ја истакнал важноста на мајчиниот јазик како темел на културниот, институционалниот и општествениот идентитет ставајќи посебен акцент на правилната и јасна употреба на јазикот во администрацијата, образованието и медиумите.
Како што соопшти неговиот Кабинет, тој нагласил дека албанскиот јазик на овие простори поминал долг историски пат останувајќи жив и функционален и покрај предизвиците. Во таа насока, истакнал дека изработката и промоцијата на новиот речник претставуваат важен чекор кон стандардизација и усогласување на терминологијата во службените документи, учебниците и јавната комуникација.
– Нејасностите во терминологијата и во службените формулации често стануваат извор на недоразбирања, одолжување на постапките и разни толкувања. Затоа јазичната јасност не е само прашање на норма, туку и прашање на институционална функционалност и почит кон граѓанинот – истакнал заменик-претседателот на Владата, Фетаи.


Во време на непосредна комуникација и брзо ширење информации, додал тој, одговорноста за правилна и професионална употреба на јазикот е уште поголема, особено кај јавните институции и медиумите.
Во завршницата на својот говор заменик-претседателот на Владата изразил благодарност за трудот и ангажманот на професорите, истражувачите и експертите, кои придонеле во подготовката на новиот речник, изразувајќи уверување дека тој ќе стане секојдневна референца во институционалната, образовната и медиумската практика.
Фетаи рекол дека продолжува поддршката на иницијативи што го зајакнуваат правилното, еднакво и функционално користење на јазиците во Македонија во согласност со законските стандарди и принципите на повеќејазичен соживот.
