Со единствена желба да се развива и пренесува љубовта кон македонскиот фолклор преку изучување на народните ора и песни, фолклорниот ансамбл „Мегдан” од Богданци близу 15 години го презентира богатото културно наследство на Македонија, во и надвор од нејзините граници.
Во својот репертоар негува над 20 сценски преработки, стилизиран и изворен фолклор, а секоја година се труди да го збогатува својот фондус на народни носии, од различни етнографски предели во републиката. Ансамблот денес брои над 150 членови на возраст од 6 до 60 години, настапува во придружба на професионален оркестар, а пред неколку години ја прошири својата дејност и во соседната Општина Дојран каде членуваат околу 60 деца.

За разлика од времето кога тој ги правел првите чекори во народното оро, денес работењето во областа на фолклорот е издигнато на повисоко професионално ниво, вели етнологот Петар Стојчевски, претседател и уметнички директор на ФА “Мегдан”.
– Порано мислам дека се беше многу поаматерски. Јас моите почетоци ги имав во КУД „Бранд Петрушев” во Богданци, а друштвото во тоа време работеше во склоп на Домот на културата. И тогаш, како и сега, чекорите ни ги покажуваа постарите играорци, некои гледаа од видео касети, или од телевизор, така што голем дел од играорските обрасци ги игравме погрешно. Во однос на носиите облекувавме кој што има или што имаше друштвото, ама секако не внимававме да бидеме облечени според тоа од кој регион е орото кое го играме. Денес веќе постои професионална фела на оваа тематика. Има средни школи за изучување на народните ора, песни и инструменти, како и катедрата за етнокореологија. Така што сега се внимава на повеќе сегменти, иако и денес постојат друштва кои не работат на тој начин – смета Стојчевски.

Една од главните придобивки на фолклорот е тоа што има незаменливо позитивно влијание врз растот и развојот на децата, вели Стојчевски и тоа е еден од главните мотиви да продолжи да работи во оваа област, покрај сите предизвици на модерното време.
– Прво, тука е невролошкиот развој на детето, музиката и ритамот го стимулираат развојот на детскиот мозок, се развиваат повеќе вештини, концентрација, меморија. Потоа се развиваат кондицијата и флексибилноста, фолклорната игра го поттикнува детето на правилно држење на телото, рамнотежа, просторна орентација, временска орентација, ја зајакнува самодовербата и има многу други придобивки, а најважно од се е дека децата учат за нашата традиција, култура, обичаи, песни и ора, за тоа кои сме ние Македонците – нагласува Стојчевски.
Во досегашното портфолио на „Мегдан” се бележат бројни изведби на Копачка, изворни песни и игри од Скопска Црна Гора, како и од Скопска Блатија, Егејски игри од Воденско, изворни песни и ора од Реканскиот предел, русалииските игри од Богданци, како и стилизираниот фолклор и кореографиите: сплет на игри од Источна Македонија, од Егејска Македонија и од Повардарието, Водарки, Калајџиско, Разигран Пирин, Копачија, Малешевка, Мариовска тресеница, Преспански игри и други. Зад сите овие изведби стои внимателен избор на носии кои само ја дополнуваат шареноликоста на фолклорната игра.

– Бидејќи завршив Факултет по етнологија, се трудам сите носии да ми бидат оригинали, или имитација приближна на оригиналот. На пример, наоѓам на терен оригинална носија и ја купувам, а потоа по неа ги изработувам другите. Или ако најдам доволно оригинали ги купувам сите. Носиите ги чуваме во просторија, во која има многу нафталин, вршиме дезинсекција два пати во годината, а тие што не ги користиме се спакувани во посебни вреќи. Во последно време се појавија млади изработувачи на носии. Тоа се деца кои завршија во насоката за традиционална музика и игра во Скопје или Факултет по етнологија или етнокореологија, и својата љубов ја преточија во изработка. Инаку „Мегдан” има носии од етнографските предели Скопска Блатија, Пијанец, Источен дел на Славиште, Мариово, Бојмија, градска Воденска носија (единствената која не е оригинал) и други – додава Стојчевски.

Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци пред три години отвори своја фолклорна секција во Дојран со цел да им понуди можност на младите од оваа Општина да се запознаат со богатиот македонски фолклор и традиција.
– Секцијата во Дојран е сеуште млада, има многу што да учи и да покаже, но голема е желбата помеѓу децата да напредуваат. Самиот почеток не беше ветувачки, бидејќи кога започнав, сите велеа, дека многу брзо децата ќе се заситат и ќе се откажат. Но еве веќе ја тераме третата или четвртата година. Засега сме добро прифатени и од страна на Општината, како и на општинското основно училиште. Цел ни е секогаш да правиме минимум два концерти годишно во Дојран, еден во време на туристичка сезона, и еден веќе традиционален, за денот на ослободувањето на градот – вели Стојчевски.

Во досегашното професионално искуство, ФА „Мегдан” неколкупати е првонаградуван и е добитник на значајни признанија, а бележи бројни гостувања на различни домашни манифестации и фестивали, како и надвор од земјава во Турција, Србија, Бугарија, Австрија, Чешка, Унгарија, Франција , Хрватска, Португалија, Романија и други држави.
Генерално задоволни од процесот на развивање и негување на фолклорот низ годините, од „Мегдан” посочуваат дека се уште има простор за издигнување на работата во оваа област на повисоко ниво, а нивна искрена желба е да организираат голем фестивал во иднина.

– Во последно време има благ напредок, но се уште сме далеку, прво потребна е класификација на фолклорните друштва, после тоа да се зголеми соработката помеѓу нив. И поголема помош од локалните самоуправи и секако од државата. Бидејќи на кројот од денот, кога одиме на фестивали надвор од нашата граница ние ја претставуваме Македонија, и сме нејзини најголеми амбасадори и промотори. Што се однесува до нашите идни планови, најголема желба ни е, еден ден нашиот ансамбл да организира голем фестивал на територијата на Општините Дојран и Богданци – вели Стојчевски.
Ансамблот од своето основање е член на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, кој е официјален партнер со CIOFF (светската асоцијација на фолклорни ансамбли).
