Скопје денеска ќе биде дел од Европската ноќ на истражувачите – европска иницијатива посветена на приближување на науката и истражувачката работа до јавноста, преку директна комуникација со научниците и интерактивни активности за различни возрасни групи.
Активностите се реализираат во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, координиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на денот, покрај Скопје, активности ќе има и во Битола, Штип и Охрид.
Во Скопје, посетителите ќе можат да учествуваат на интерактивни работилници, научни демонстрации, презентации, изложби, панел-дискусии, посети на лаборатории и разговори со истражувачи на повеќе факултети на УКИМ.
На Техничкиот кампус, Машинскиот факултет ќе ги отвори лабораториите за посетителите, со активности од областа на мехатрониката и индустриската роботика, гејмификацијата на учењето, производното и термичкото инженерство, индустрискиот дизајн, автоматизацијата, моторните возила, инженерските материјали, технологиите на заварување и применетата механика на флуиди. Предвидени се и изложбата на студентски проекти „Project Hub“ и ЕУ катче посветено на истражувањето, науката и иновациите во инженерството.
Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ ќе понуди работилници за производство на електрична енергија од обновливи извори, Power-to-X технологии, основи на машинското учење и компјутерски архитектури, како и ЕУ катче посветено на европските можности во технологијата и иновациите.
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, програмата предвидува панел-дискусија за дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста, како и ЕУ катче со содржини поврзани со истражувачки и иновациски проекти.
Своите врати за јавноста ќе ги отвори и Природно-математичкиот факултет – ПМФ, каде што посетителите ќе можат да ја запознаат науката преку различни дисциплини. Во програмата се вклучени посета на Ботаничката градина, Лабораторијата за креативна математика и Сеизмолошката опсерваторија, како и презентација на геопросторните платформи Google Maps, Google Earth Pro и QGIS.
Економскиот факултет ќе ја реализира работилницата „Нарушувањата можат да бидат забавни – Откриј што кријат бројките со бизнис аналитика“, преку која учесниците интерактивно ќе се запознаат со улогата на податоците и бизнис аналитиката во разбирањето на трендовите, промените и предизвиците во деловното опкружување.
Организаторите посочуваат дека Европската ноќ на истражувачите претставува можност науката да се доближи до граѓаните и особено кај учениците и младите, да се поттикне интересот за истражување, иновации и развој преку непосреден контакт со истражувачите и нивната работа.
Целокупната програма со активностите, локациите, термините и информациите за пријавување е достапна на веб-страницата на проектот.
Европската ноќ на истражувачите истовремено денеска ќе се одржи низ други градови во Европа, а сите настани во рамки на иницијативата се бесплатни и отворени за јавноста.

