Реклама
Прилози

Диви депонии ја загрозуваат животната средина: 53 нестандардни низ државата

Дури 53 нестандардни диви депонии низ државава се потенцијална еколошка закана за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Дури 53 нестандардни диви депонии низ државава се потенцијална еколошка закана за животната средина. Единствената легална е скопска Дрисла, која е на граница на стандардна депонија, а уште една има и во Гевгелија. Проблемот, за кој со децении се чека решение, е резултат на несоодветно управување и негрижа на оние кои треба да стопанисуваат со цврстиот отпад. И во градските средини има отпад кој со години се трупал на повеќе од 2.000 локации – открива државниот инспектор за животна средина, Дарко Блинков.

„И неопасниот отпад, ако не се менаџира регуларно согласно закон, станува во еден момент опасен, а особено отпад што го имаме со децении на разни локации, еве и во охридскиот регион. Навистина се тие како опасен отпад, меѓутоа тука е и проблемот со немањето сè уште регионални центри за одржлив отпад. Тоа нема да бидат депонии. Треба континуирано и транспарентно да се известува за тоа како ќе работат тие, за да се врати довербата кај граѓаните во институциите на системот, и на централно и на локално ниво“, вели Дарко Блинков – Државен инспекторат за животна средина.

Меѓу 53-те диви депонии се вбројуваат и депонијата во Буково и онаа во Струга, со кои оперираат јавните комунални претпријатија.

Реклама

„Буково само по себе чади, затоа што е полно и е презаситено. 2020 година беше последниот рок за нејзина експлоатација, а сега Буково е во таква состојба што и за комуналното претпријатие е тешко да одлага отпад таму. Тоа е проблем кој се трупа и трупа“, вели Драгана Карашова од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.

„Депонијата Буково е на прагот да ги прими последните количини отпад, бидејќи секој ден се трупаат огромни количини. Во летната сезона тој проблем е изразен, депонијата е постојано во запалена состојба. Загадувачките материи допираат до подземните води и потоа ги загадуваат, а секое загадување на подземните води е многу опасно, неизвесно и речиси невозможно тие да се пречистат“, вели Ѓоко Зороски – инженер за животна средина.

За општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион предвидено е да се гради регионална депонија во Новаци, за која се очекува наскоро да биде распишан тендер.

„Очекуваме во рамките на шест месеци огласот да биде објавен и да се избере економски оператор кој ќе го реализира проектот“, вели Мухамед Хоџа – министер за животна средина.

Планирана е изградба на пет современи регионални депонии, а до тогаш јавните комунални претпријатија ќе добијат камиони за примарна селекција на отпад.