Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски денеска се обрати на настанот организиран по повод одбележувањето на Светскиот ден на безбедноста на храната – 7 Јуни и јубилејот 15 години од формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство – стои во соопштението од кабинетот на Димовски.
Во своето обраќање Димовски истакна дека јубилејот на Агенцијата претставува сведоштво за петнаесет години посветена и одговорна работа, континуирано јакнење на институционалните капацитети и унапредување на системите за контрола на безбедноста на храната и храната за животни.
Тој нагласи дека во услови на глобални предизвици, како што се климатските промени, појавата на нови болести и нарушувањата во синџирите на снабдување, безбедноста на храната станува прашање на национална безбедност, јавно здравје и доверба во институциите. Притоа посебно го истакна значењето на концептот „Eдно здравје“, кој ја нагласува поврзаноста меѓу здравјето на луѓето, животните и животната средина.

Димовски оцени дека паралелно со институционалното зајакнување расте и свесноста кај операторите со храна за важноста од почитување на стандардите за безбедност и квалитет, како предуслов за доверба, конкурентност и одржлив развој. Тој посочи дека охрабрува и зголемената свесност кај граѓаните како потрошувачи, кои сѐ поактивно ги бараат и ги штитат своите права на безбедна и квалитетна храна.
На настанот се обрати и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, кој истакна дека безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Тој нагласи дека довербата на граѓаните во институциите е најголемата одговорност на Агенцијата и потсети дека од нејзиното формирање во 2011 година континуирано се гради ефикасен, транспарентен и современ систем за контрола на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Миланов информира дека во текот на минатата година биле спроведени повеќе од 47 илјади инспекциски надзори, при што биле изречени над 6.700 мерки за утврдени прекршоци. Тој истакна дека Агенцијата постојано ги зајакнува лабораториските контроли, мониторинг-програмите и системите за брзо известување и управување со ризици, со цел обезбедување највисоко ниво на заштита на потрошувачите.
Димовски ја потврди посветеноста на Владата за натамошно јакнење на капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство и на сите институции кои се дел од системот за заштита на здравјето на граѓаните истакнувајќи дека крајната цел е секој граѓанин да биде сигурен дека храната што секојдневно ја консумира е безбедна, контролирана и произведена во согласност со највисоките стандарди.
