Состојбата во СДСМ е целосно девастирачка, на партијата и се потребни итни реформи, како во времето кога од Сојуз на комунисти станаа СДСМ. Според познавачите фактот што за прв пат во поновата историја не влегоа ниту во вториот круг во Скопје, а повеќе не се ниту втора политичка сила во Македонија, покажува дека социјалдемократите целосно ја згрешиле трасата по која одат и раководени од Венко Филипче нема како да ја вратат довербата кај граѓаните. Новинарот Бранко Героски вели дека ваква СДСМ, со ова раководство, не може да се надева на подобри резултати во иднина.
-Во ситуација во која партијата се сега значи тотална безидејност, отуство на сериозна политичка платформа, верглање на стари наративи, на пропаганда итн, јас мислам дека само тоа е единствениот излез, комплетно реформирање, ребрендирање, комплетна кадровска основа, хокеарски промени во врвот на партијата, изјави Героски.
Критики за состојбите во партијата доаѓаат и од внатре. СДСМ по две децении загуби и во Струмица, која важеше за главен бастион на партијата. Досегашниот градоначалник во овој град, Костадин Костадинов, удри по раковдоството велејќи дека се потребни итни реформи. Според него недозволиво е да продолжи самоволието во партијата и дека час поскоро секој кој носел одлуки, треба да признае дека работите не се како што треба и да си замине.

-Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам политички, но и морален. Состојбата во која е запален црвен аларм не е доволен сигнал за раководството на, до вчера, најголемата опозициска партија. Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството. СДСМ е четврта политичка силa! СДСМ не влезе во втор круг во Скопје!, порача Костадинов.
По партиското раководство удри и поранешна претседателка на скопскиот огранок на СДСМ, Софија Куновска. Вели целта на првите луѓе во партијата е само политички да преживеат и да си обезбедат столче во парламентот на следнит еизбори.
-Половина од нив, на чело со Филипче, не се ниту членови на партијата и нивниот мотив е да дочекаат парламентарни избори и по секоја цена да станат пратеници. За нив членовите кои трчаат на терен и “крварат” од вакви порази воопшто не им се важни. Битно е преминот од НВО секторот во партијата да се “наплати” со четиригодишен пратенички мандат плус една година апанажа, порача Куновска.
Жестоко реагираше и проанешниот партиски истакнат член Ивор Мицковски. Вели во моментов во државата нема опозиција, а СДСМ е киднапирана и некооперативна партија.
-Тоа што СДСМ мислат дека добро поминале или дека напредуваат, зборува дека политички се неспособни за реализам, објективност и вистинско толкување на состојбите во земјата. Таквите луѓе се опасни, зошто маката и состојбата во земјата им е помалку важна од личниот политички ангажман, порача Мицковски.
СДСМ најголемиот дебакл го дожвеаја во главниот град, во сите општини освен во Центар и Аеродром изгубија уште во првиот круг. Сепак ваквите резултати не се причина партиското раководство да понесе одговорност, според нивните математики локалните избори биле успешни за социјалдемократите.
Матеја Петровски
