Чисто ги извлекоовме на автопатот, двајца, се давеа… па мртви беа ако не пуштевме еден пред нас готово, мртви ќе беа
Десет години подоцна, спомените сe уште не избледеле во скопско Стајковци и околината. Небото се отвори над Скопје за неколку моменти, а дождот за неколку часа ги претвори улиците во реки. Водената стихија зад себе не остави само кал и урнатини, туку и загубени животи во десетици семејства.
Најтешкиот товар го понесоа жителите на Стајковци, Синѓелиќ, Смилковци, Црешово и Арачиново, каде калта и водата за неколку минути ги избришаа границите меѓу улиците, дворовите и домовите. Поплавите за миг го променија животот на стотици луѓе.

Едно од најпогодените места во невремето беше и Стајковци. Голем број од жителите останаа без своите домови, а поплавите предизвикаа оштетување на инфраструктурата и имотите.
Скопската обиколница и денес ги носи лузните од катастрофата. Сообраќајот одамна е нормализиран, а коловозот поправен со решебнија кои треба да спречат поголеми катастрофи. Во тие драматични часови обиколницата стана едно од најкритичните места во невремето. Дел од луѓето успеаја во последен момент да се спасат, но за други токму ова беше последната станица.
„На 6 и 7 август во 2016 година, силното невреме кое го зафати Скопје уништи дел од скопската обиколница. Пред точно десет години на ова место, силните дождови предизвикаа катастрофални поплави. Од силата на водата беа отворени голем број дупки на скопскиот асфалт, оштетувајќи го автопатот и однесувајќи голем број автомобили низ нивите“.
Големите бранови вода оштетија околу пет километри од автопатот, а штетата беше проценета на околу пет милиони евра. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, на тој ден врнежите достигнале 93 литри на метар квадратен, а во само два часа биле регистрирани над 800 молњи. Владата тогаш прогласи кризна состојба, а Црвениот крст заедно со граѓаните организираше бројни хуманитарни акции за помош на погодените семејства. Најмладата жртва беше двегодишно дете. Трагична остана и судбината на 16-месечната Елиф Фејзула, која исчезна во поплавите додека била во возило со својот татко, кој исто така го загубил животот. До сега таа не е пронајдена.

