Две илјади нови работни места во следните четири години. Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ најави нова инвестиција во Битола, каде што ќе се произведуваат автомобилски компоненти за нов модел на германскиот гигант „Ауди“. Новото вложување на германската компанија за владата е потврда дека земјава располага со квалификувана работна сила и индустриски капацитети кои можат да одговорат на највисоките европски стандарди. Премиерот Мицоски очекува инвестицијата да го зголеми индустриското производство, извозот и бројот на вработени во Пелагонскиот регион.
„Фабриката во индустриската зона Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на Ауди со планиран обем од над 3.000 снопови дневно. Инаку проектот предвидува и воведување современи технлогии и дигитализација на производството. Кромберг и Шуберт досега има реализирано 3 инвестициски проекти во Жабени. Во Битола до сега се околу 5.300, во Скопје над 1.700, со овој проект ќе дојдеме до 10.000 вработени“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Република Македонија.
Покрај отворањето нови работни места, проекот ќе донесе и промени во производството. Од компанијата најавуваат и уште поголема примена на автоматизирани системи и камери за следење на квалитетот, со цел да се зголеми ефикасноста на производството. Инвестицијата се очекува да го зголеми и извозот на компанијата, кој според најавите, до следната година треба да надмине 400 милиони евра.
„Ние претполагаме со овој нов проект да донесеме и нови технологии, веќе и објавивме на претседателот и неговите соработници дека сакаме со новите чекори кои што ги зазема „Кромберг и Шуберт“ и новите правци, проектиниот менаџмент да се пресели кај нас во Битола и да работат на развој на нови технологии.“, вели Георги Тренкоски, комерцијален директор на „Кромберг и Шуберт“.
Македонија добива можност да ја зацврсти совјата позиција во индустријата за производство на автомобилски компоненти, а за Битола и Пелагонија, оваа инвестиција значи повеќе од само нови производствени капацитети. Двете илјади нови работни места треба да донесат дополнителни можности за вработување, перспектива за стабилна работа и економска сигурност за граѓаните, но и да го прошират просторот за развој на локалната економија.

