Груби излезе, навистина излезе. Осомничениот за криминал тежок речиси 10 милиони евра, пречекан во Чаир како херој. Поголема група на млади луѓе, соседи, пријатели и партиски активисти на ДУИ го одбележаа излегување на Груби од домашен притвор со факели, чадни бомби, огномет, небаре пречекуваат човек кој се враќа од печалба. Груби излезе од дома, но прошетките сепак му се ограничени – не само што не смее да ја напушти државата, туку не смее да излезе од Скопје. Секоја недела треба да оди да се пријавува во судот, оти тој сепак е осомничен криминалец, и судскиот процес против него се уште трае. Токму затоа циркусот што беше приреден во Чаир предизвика остри реакции во јавноста, но исто така може да му наштети во судскиот процес. Неговата одбрана го знае тоа, и затоа побрза да го испере својот клиент. Тврдат дека собирот бил спонтан, организиран самоиницијативно од граѓани, соседи и пријатели, а не по барање на нивниот клиент. Дури се извинија до граѓаните кои можеби биле вознемирени од прославата.
„ Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички одбележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста“, велат од Одбраната.
Укинувањето на куќниот притвор не значи слобода за Груби, или пак дека завршува судската постапка против него. Тој останува без патна исправа, има забрана за напуштање на државата, обврска повремено да се јавува во судот, како и забрана за контактирање на одредени лица. Судот му го одби барањето за враќање на пасошот, и му го ограничи движењето само во Скопје. Инаку, екс-моќникот Груби е второбвинет во случајот „Државна лотарија“, заедно со уште седум лица за злоупотреба на службената положба и овластување, при што била предизвикана штета од 9,7 милиони евра. По повеќе од една година во бегство, Груби во февруари годинава сам се предаде на граничниот премин Блаце, по што беше спроведен во притвор.

