Започнува манифестацијата „Чаир го слави Ноември – 20 години гордост“, во организација на Општината, посветена на Денот на албанската азбука, Денот на албанското знаме и 20-годишнината од поставувањето на бистата на Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег во Скопје.
Како што стои во соопштението на Општина Чаир, шестдневната програма ќе почне денеска во 18 часот во Албанскиот театар, со настап на ученици од основните училишта во Чаир, а утре во 12 часот ќе биде одбележана 20-годишнината од основањето на Основното училиште „Конгресот на Манастир“.
Централната манифестација ќе се одржи на 28 ноември во 14 часот на плоштадот „Скендербег“, по повод Денот на албанското знаме и годишнината од поставувањето на бистата. На програмата се поетска интерпретација на Чун Лајчи, песни посветени на Скендербег, традиционални албански ора, настап со чифтелија, видео по повод годишнината, активности со младите и концерт на Едона Љалоши.
На 25 ноември во 19 часот е најавена вечер на градски песни со Миранда Хашани и Селами Колоња, а на 26 ноември во истиот термин ќе настапи Државниот ансамбл за песни и ора. На 27 ноември во 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концерт на Рона Нишлиу со „New Orchestra“.

