Британските компании во Македонија засега се имуни на кризата предизвикана од воениот конфликт на Блискиот Исток. Го задржуваат бројот на вработени, а ангажирањето на нови луѓе оди според планираното. Сепак, будно ја следат состојбата, особено нагорните промени во цената на гасот кој го користат во индустриските зони и прекинот на трговските ланци. Се надеваат на најдоброто, но се подготвуваат и за најлошото сценарио
„Се уште е неизвесно каков импакт ќе имаат сите овие работи на среден и веројатно долг рок. Очекуваме дека цената на сите производствени импути, не само на енергијата, ќе се зголеми, но тоа е нешто што веќе го имаме предвидено во нашите планови. Она што можам да го кажам е дека Македонија е стратешка локација за Џонсон Мети е еднаква како што и Џонсон Мети е стратешка компанија за Македонија и тука нема да има никаква промена“ – рече Боријан Борозанов – Џонсон Мети.
Македонија е најголем трговски партнер на Британија на Балканот. Бројките за трговската размена меѓу двете земји изнесуваат 1.6 милијарди евра во 2025-тата, а увзот и извозот растат и во првите месеци од годинава. За бизнис секторот особено значајно е стратешкото партнерство со Британија и изградбата на брзата пруга и другите инфраструктурни проекти , кои треба само го подобрат транспортот на стоки и да ја подобрат соработката меѓу двете земји.

„Британските инвестиции имаат посебно значење затоа што тие не значат само финансиски капитал. Тие носат нови технологии, повисоки стандарди во работењето, развој на човечки капитал, отворање квалитетни работни места и созадавање дополнителна вредност во економијата. Токму затоа, нашата определба како Влада е да продолжиме со политиките што создаваат стабилна, предвидлива и транспарентна средина, во која инвеститорите ќе можат долгорочно да планираат и да се развиваат“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии.
„Меѓувладиниот договор, на кој двете наши влади се силно посветени, ќе ги поддржи критичните инфраструктурни проекти во транспортниот, енергетскиот, здравствениот и технолошкиот сектор, како дел од рамката за финансиска поддршка од 5 милијарди фунти од страна на Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство. Овие рамки испраќаат силен сигнал за долгорочната посветеност на Обединетото Кралство на продлабочувањето на политичките, економските и трговските врски меѓу нашите две земји. Таа посветеност, јасно се отсликува во цврстината на нашите економски односи“ – вели Метју Лосон – амбасадор на Британија.
Извозот на македонски производи лани бил поголем за 14,3 отсто, а увозот за 19,3 проценти. Британија во последните 12 години инвестирала 250 милиони евра, што е 4,5 отсто од вкупните странски и инвестиции во земјава.
