По убиството на врховниот ирански лидер Али Хамнеи, ситуацијата на Блискиот Исток станува уште потензична и понеизвесна. Израел напаѓа – Иран возвраќа. Одекнуваат експлозии и во повеќе држави од Персискиот Залив – во Ирак, Оман, Дубаи, Абу Даби, како и во Катар и Бахреин.
Македонските граѓани кои се во Катар велат дека денеска е мирно, но имаат препораки од властите да останат засолнати.
Израелските граѓани ја поминаа ноќта во засолништа и во состојба на зголемена готовност. Засега нема официјална потврда од Техеран, Израел и ОАЕ за обемот на загубите, но медиумите јавуваат за жртви, повредени и големи материјални штети. Како што јавија светските медиуми, во нападите загинал и поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмади-неџад.

Дел од туристичките атракции се во пламен. И воздушниот сообраќај во регионот е делумно суспендиран.
„Има многу неизвесност, но во исто време и многу надеж за иднината.“
„Мислам дека ситуацијата се граничи со лудило. Нашето раководство е исклучително нестабилно. Влегувањето во оваа војна ќе ни донесе сериозни проблеми за нашето понатамошно постоење.“
„Се надеваме дека нивниот народ ќе може да се ослободи од овие ајатоласи, овие екстремни, опасни шиити кои го мразат Израел.“ велат граѓаните.
Во меѓувреме, цените на енергенсите растат откако Исламската револуционерна гарда забрани минување на бродови низ Ормускиот Теснец – клучна поморска рута низ која поминува околу една петтина од светската нафта и гас.
Меѓународната заедница повикува на деескалација, додека западните лидери изразија поддршка за Соединетите Американски Држави, но се оградија од директна поврзаност со операцијата „Епски бес“.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, оцени дека смртта на иранскиот врховен водач Али Хамнеи претставува „дефинирачки момент во историјата на Иран“.
Во објава на социјалните мрежи, Калас наведе дека периодот што следува е неизвесен, но дека се отвора можност за поинаков Иран, во кој народот ќе има поголема слобода да ја обликува иднината на државата.
