Реклама
Македонија

АПИС и АСОМ бараат јавна расправа за предлог законот за игри на среќа

Асоцијациите на приредувачите на игри на среќа во автомат клубови, казина и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Асоцијациите на приредувачите на игри на среќа во автомат клубови, казина и спортски обложувалници, АПИС и АСОМ денеска доставиле барање до Собранието за организирање јавна расправа во врска со предлог законот за игри на среќа и забавни игри.

– Барањето е согласно член 129 став 2 од собранискиот Деловник, Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело да ја организира јавната расправа. Примената на ваквата демократска алатка ќе овозможи претставници на асоцијациите и вработените во легалните објекти да ја споделат сопствената експертиза и професионално искуство со пратениците. Сметаме дека е неопходно во законодавниот дом да ги соочиме аргументите и најважно од се’ јавноста да добие точна претстава за тоа какви штетни последици ќе предизвика усвојувањето на овој Предлог закон, се вели во соопштението од АПИС и АСОМ.  

Оттаму дополнуваат дека „долг период игрите на среќа се цел на негативна кампања во која се нафрлаат разни клевети“. – Легалните објекти не се закана за младината. Закана за младината е популизмот кој затворајќи го овој економски сектор ќе ги направи младите лесен таргет на незаконски играчници кои ќе се одвиваат по подруми, а државата ќе нема никаква контрола.  Уверени сме дека е неодговорно по секоја цена да се донесе закон кој на среден рок ќе направи страшни последици кои многу тешко ќе можат да се поправат. Истовремено, сметаме дека е вообичаена демократска пракса, особено што сите видови приредувачи на игри на среќа вкупно гледано сме најголем приватен работодавец во државата, голем дел од нашите членки имаат капитал од ЕУ, сме општествено одговорни компании кои донираат во јавното здравство, спортот, културата, покровители сме на многу хуманитарни акции, да бидеме ислушани и нашата експертиза и знаење да биде уважено со цел изработка на одржливо законско решение во согласност со највисоките европски и светски стандарди за организирање игри на среќа, се вели во соопштението. 

Реклама

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава на 13. месецов оцени дека со предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, што го усвои Владата, состојбата во државата ќе се подобри во морална смисла, а најави и решение со кое ќе се ограничи до коцкарниците да има канцеларии за издавање брзи кредити.

На новинарско прашање Мицкоски рече дека Владата стои во одбрана на законот забележувајќи дека ќе се смени перцепцијата за тоа дека коцкарниците се главна индустрија во градовите. 

– Го ветувавме и го работевме овој закон многу внимателно имајќи ги во предвид сите параметри што се поврзани со оваа индустрија. Има одредени стандарди и политики што ги води оваа Влада, со овие реклами и билборди градовите почнаа да ни личат како градови во кои коцкарниците се главна индустрија. Тоа не личеше на ништо и не личи на ништо. Со овој закон ќе се стави крај на оваа перцепција кај граѓаните. Некако до тие казина, како по правило, се отвораат канцеларии во кои се даваат и брзи кредити, следно на што ќе работиме ќе биде и тоа – рече Мицкоски потврдувајќи дека се работи да се ограничи тоа.

Со предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа – во казина, автомат-клубови и електронски игри на среќа – да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувачниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта, пак, нема да биде дозволено поставување електронски видеолотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Со законот првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа, се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа, се забрануваат пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.

Од Владата инфомираа дека како дел од мерките против нелегалното онлајн-коцкање досега се затворени 358 нелегални странски онлајн-платформи, кои незаконски приредувале игри на среќа на територијата на државата, а кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните.