Реклама
Прилози

Античкиот театар во Охрид крие средновековна црква

Античкиот театар во Охрид крие средновековна црква под куќите што со години…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Античкиот театар во Охрид крие средновековна црква под куќите што со години чекаат на експропријација. Археолозите ценат дека на источниот и југоисточниот дел од локалитетот постојат сериозни индиции за сакрален објект, но без отстранување на објектите, истражувањата не можат да продолжат. Надлежните веќе подолг период водат постапки за експропријација на четири куќи околу Античкиот театар.

„Без нивна експропријација и отстранување не можеме целосно да ги извршиме археолошките истражувања на тој дел. Особено на источниот и југоисточниот дел од амфитеатарот, каде што очекуваме и има одредени индиции дека постојат средновековни градби, односно црква, сакрален објект под тие куќи“, вели Горан Патчев, директор на Завод и музеј – Охрид.

Секојдневно низ камените седишта, кои ги има околу 5.000, поминуваат стотици туристи фасцинирани од историјата на античкиот театар.

Реклама

„Имав прилика да видам и други театри, но не од вакви размери. Ова е единствено, не затоа што треба така да кажам, туку навистина е величествено и секој треба да го види.“

„Античкиот театар е специфичен. На други места сме гледале поинакви структури, карактер и облик. Овде просторот има исклучителна акустика, во што се уверив и самиот.“

Изграден пред повеќе од два милениума, театарот бил наменет за прикажување драмски, музички и поетски претстави. Во римскиот период, театарот добил друга намена.

„Од театар за претстави, кога дошле Римјаните, отстраниле осум реда од седиштата за да го претворат во арена за гладијаторски борби. Откриени се и кафези за диви животни“, вели Патчев.

Иако важи за еден од најпрепознатливите симболи на Охрид, Античкиот театар сѐ уште не е целосно откриен. Околу 10 проценти од локалитетот остануваат неистражени, а токму таму се очекуваат нови археолошки откритија.

Инаку, за да се открие Античкиот театар било потребно да се отстранат 14 куќи и да се дислоцираат две улици во овој дел од градот. Во текот на истражувањата биле откриени остатоци од три средновековни цркви, 280 средновековни гробни целини, базилика и монументална гробница.