Меџити, Касами и Ибрахими,обединети како Влен успеаја да освојат повеќе гласови и општини од ДУИ. Победите во Чаир, Сарај и Тетово не се само бројки – тие се симбол на промена и сигнал дека граѓаните бараат нов политички правец. Во моментот ДУИ е пред најголемото политичко преиспитување во последните дваесет години. Партијата на Али Ахмети, која со децении важеше за доминантен фактор во албанскиот блок, доживеа еден од најслабите резултати досега.
Дел од аналитичарите коментираат дека бројките покажуваат дека ДУИ не се неприкосновени и со тоа најавите за нови избори останаа само празни желби на интегративците.
ВРЕДИ направи исклучителен резултат на локалните избори и проценките од 2 на 1 , 3 на 1 , се покажаа неточни за ДУИ и ДУИ сега ќе влезе во една партиска интроспектива. Дали тоа ќе резултира со некои позначајни реформи или не , тешко е да се прогнозира. Мислам дека е сепак тоа одлука на партијата, но очигледно е дека без некакви промени нема да може ДУИ да тврди дека се тие едниствениот легитимен претставник на албанците. Предизвикот за ДУИ ќе биде кои реформи се неопходни за повторно да станат привлечни помасовно за гласачкото тело на албанците. Имајќи предвид дека во коалцијата на ДУИ беа и Арбен Таравари, Села и тешко е да се предвиди колку е резултатот само на ДУИ. Тој е најверојатно понизок од вкупниот број на коалцијата, така што притисокот за промени таму ќе биде уште поголем, вели за Алфа , Петар Арсовски – аналитичар.

Поранешниот аргумент на ДУИ дека се единствен легитимен претставник на албанците во државата – падна во вода. Според дел од познавачите, фактот што ВРЕДИ ја презеде контролата во најголемите урбани средини, покажува дека влијанието на ДУИ постепено се префрла кон нови структури.
Дали по ваков резултат треба да се направат кадровски промени, и дали раководството може да ја врати довербата што ја изгуби кај гласачите? Арсовски за Алфа вели дека логично е да има промени во ДУИ , но тоа се внатрепартиски прашања. .
Притисокот од резултатите ќе биде дека внатре до ДУИ треба да се направат некакви промени. Зависно од тоа колку успешно ќе ги напават тие промени , од тоа ќе зависи нивиот успех на наредните избори, кога и да бидат тие. Секако дека ќе има некаква интроспектива за стратегијата, водството, политичкиот производ кој значи ДУИ и нивниот бренд , дали тоа ќе оди до лидерот или не , е прашање кое е покомплексно бидејќи возможно е да нема кој друг да го организира ДУИ во таква координирана структура како сегашниот лидер. Но секако притисокот ќе оди во тој правец, вели за Алфа, Петар Арсовски – аналитичар.
Поразот од ВРЕДИ врз ДУИ и неговиот фронт, е јасен сигнал дека албанската политичка сцена повеќе не е монопол на една партија. Се чини дека гласачите испратија порака дека сакаат нови лица, нови идеи и транспарентност.
По овие избори, политичката карта на албанскиот блок во Македонија е променета, а поранешниот лидер на тој простор повеќе не е без конкуренција. Ќе се пензионира ли Ахмети и ќе почне ли нова битка внатре во ДУИ, засега од Мала Речица нема ни глас.
