Реклама
Прилози

Алармантна состојба со водоснабдувањето во Струга: Извештај открива сериозни пропусти и ризик од загадување

Водоснабдителниот систем во Струга е руиниран, запоставен и недомаќински управуван повеќе од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Водоснабдителниот систем во Струга е руиниран, запоставен и недомаќински управуван повеќе од деценија. Во потесната зона на Шум има застарена и оштетена каптажа на самиот извор, во чија непосредна близина, во строго забранета зона, се изградени објекти, ресторан со тоалети и септичка јама.

Во обемниот извештај од 55 страници до кои дојде ТВ Алфа, ангажираните професори од Градежниот факултет констатирале дека струшкото водоводно претпријатие не само што немало одлука на Влада за определување на заштитни зони, туку немало ниту дозвола за користење на водата. Во пошироката зона на изворите отворени се неколку ископи за експлоатација на тампон и камен. Ископот кој е поблиску до изворот е активиран пред 10 години, констатирале професорите.

„Затекнавме ископи во големи количини, блискиот ископ кој е на 420 метри од изворот, а повисоко само 60 метри од изворот, ископите се некаде помеѓу 5 и 10 илјади метри кубни. Тоа не се прави преку ноќ, тоа не се прави за еден ден. Констатиравме од нашите согледувања дека тие ископи се почнати некаде 2017–2018 година. Претпоставка е дека во тој период пред заматувањето имало интензивно копање, дури некој спомна минирање во ископните зони“, – вели проф. др Петко Пеливаноски – Градежен факултет, Скопје.

Реклама

Во услови кога просторот околу водоснабдителниот систем не е целосно уреден и контролирано заштитен, во зоната на изворот констатирано е присуство на депониран земјоделски, комунален и градежен отпад, што претставува сериозна опасност за загадување на подземната вода која гравитира кон изворот. Отпадот потекнува од жителите на околните населени места, вели професор Пеливаноски.

„Тука има многу голема опасност од бактериолошко и хемиско загадување на подземната вода. Истото тоа население користи вода за пиење од тој извор и едно не ми е јасно – како можете вие да користите вода од тоа извориште, а над изворите да истурате такви количини на опасен комунален отпад кој што сигурно има влијание на квалитетот на подземната вода во тој дел“, – вели проф. Пеливаноски.

Со оглед на тоа што и состојбата со изворите во Горна Белица е со сомнителен квалитет, експертите сугерираат да почнат итни мерки за санација на теренот во Шум, веднаш да се прекинат сите активности во зоната на изворот, спречување на неовластен пристап на правни и физички лица до водоснабдителните објекти, засилен мониторинг и воведување редовен инспекциски надзор. Инаку, иако нема врнежи, матноста на водата варира. Вчера таа изнесуваше 1,46, а денес 6,61 НТУ единици. Забраната за користење на водата и натаму е на сила, цели 19 дена.