Реклама
Прилози

Скопје со нов лик: По Универзална Сала и реновираната Железничка станица, сега Калето ќе добие два музеи

Праисториски артефакти под стакло. Ова е само дел од огромното археолошко богатство…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Праисториски артефакти под стакло. Ова е само дел од огромното археолошко богатство кое ќе биде изложено во двата музеја на Скопското Кале. По децении негрижа и целосна запоставеност новите објекти на Музеите на праисторијата и Отоманското наследство се пред отворање за јавноста. Она што таму ќе може наскоро да се види е импозантно. Илјадници артефакти кои со милениуми биле затрупани под Скопското Кале одблиску ќе сведочат за богатата историја која со децении била скриена под главниот град.

„Овој музеј всушност е подигнат како времен објект на археолошки локалитет кој што потекнува од енеолитот, како што може сами да приметите, долу се гледаат остатоци на куќи, овде е огништето, овде е бедемот каде стратиграфски може да се види животот на Калето, почнувајќи хронолошки од енеолитот па се до османлискиот период“, изјави: Весела Честова – директорка на Управата за заштита на Културното наследство.

Во музеите ќе бидат изложени над 5.800 артефакти пронајдени при капиталните археолошки истражувања на Калето, материјал кој со години бил складиран, а дел од него и без соодветна заштита. Од институциите велат дека паралелно се работи и на нивна реконзервација, со цел секој предмет безбедно да биде поставен во новите музејски поставки.

Реклама

„Тој метеријал еднаш е конзервиран, веќе зборуваме за реконзервација и за жал морам да констатирам дека најголемиот дел од материјалот ќе пројде преку тој процес, за реконзервација, за да може да биде согласно музеолошките стандарди, изложено овде на Кале“, изјави Весела Честова директорка на Управата за заштита на Културното наследство

Честоева додава дека објектите се технички речиси целосно завршени, а во тек се проверки на електрика, машински инсталации и безбедносни системи.

„Овде се изведени доста работи, значи почнувајќи од санација на електриката, машинството видео надзорот, дојавата за противпожарна заштита, витрините кои се распоредени овде, бедемот кој е дел од самиот музеј“, изјави Весела Честова, директорка на Управата за заштита на Културното наследство

Паралелно се подготвува и современ музејски пристап, со интерактивни содржини и дигитални таблети, кои ќе го заменат класичното изложување и објаснување на експонатите. Во план се и дополнителни содржини за целиот локалитет меѓу кои простор за посетители, сувенирница и угостителски објекти. Останува отворено прашањето околу третиот музеј, посветен на средновековниот период, за кој сè уште не се обезбедени средства. Целта, според најавите на Министерството за култура, е Калето конечно да биде целосно отворено и уредено за јавноста. Средствата за уредување на музетите се обезбедени преку Управата за заштита на културното наследство.