Шестото издание на POPRI EUSAIR Youth заврши вчера во Скопје означувајќи уште една значајна пресвртница за овој ценет меѓународен натпревар посветен на негување на претприемачкиот дух во Јадранско-јонскиот макрорегион. Настанот, кој беше организиран како дел од 11-тиот EUSAIR-форум, ги собра најперспективните идни претприемачи од 10 земји со цел да покажат како нивните компетенции може да одговорат на најголемите предизвици во регионот, се наведува во денешното соопштение.
Сега веќе етаблиран како предводничка иницијатива на Тематската управувачка група 5 (TSG5) на EUSAIR, овој регионален собир претставува заеднички напор за зајакнување на младите преку иновации и прекугранична соработка.
Овогодинешниот натпревар носеше исклучителен престиж, бидејќи програмата влезе во 2026 година како горд добитник на Европската награда за промоција на претпријатијата (EEPA) за 2025 година во категоријата „Поддршка на интернационализацијата на бизнисот“. Ова признание од Европската комисија го потврдува нејзиниот статус како водечки процес за претприемачко учење. Надвор од самиот натпревар, учесниците развиваа основни животни компетенции – како што се тимска работа, преземање ризици, решавање проблеми и јавно говорење – подготвувајќи се да водат значајни општествени промени и да создадат попросперитетна иднина за целиот макрорегион.

Претприемачките компетенции како алатка за општествени промени
Во рамки на настанот се одржа панел-дискусијата EUSAIR Talents, насловена како „Може ли целта и профитот да коегзистираат? Социјалното претприемништво е одговорот“. Оваа дискусија, модерирана од Саманта Брахај, истражи како претприемачкото размислување може да се користи не само за градење бизниси, туку и за поттикнување на општествени промени и решавање на проблемите со еколошката одржливост и социјалната инклузија. На панелот учествуваа идни претприемачи како Тијана Брежанин (Црна Гора) и Симона Касали (Сан Марино), заедно со лидери од индустријата како Елизабета Јовановска и Мартина Клапан Штамбук, членка на EUSAIR TSG5 и Бленди Ходаи, член на Младинскиот совет на EUSAIR.
Натпревар за бизнис-модели
Натпреварот POPRI EUSAIR Youth 2026 е многу повеќе од обичен тест за креативност; тој служи како реален простор за развој на претприемачки начин на размислување, каде што младите преземаат проактивен пристап кон решавање на најголемите предизвици на нашето време. Овогодишните презентации јасно покажаа дека идните претприемачи гледаат на одржливиот развој, заштитата на животната средина и социјалната инклузија како можности за создавање вредност со јасна цел.
Жири-комисија
Учесниците беа предводени од истакната жири комисија, составена од експерти кои допридонесоа со своето непроценливо искуство од реалниот свет и академско искуство:
• Експертиза за зелена и дигитална транзиција:
Младите учесници добија насоки од проф. д-р Радмил Поленаковиќ, водечки експерт за зелени иновации и претприемништво, кој поддржал создавање на повеќе од 60 стартапидосега , и Стефан Трајков, машински инженер со долгогодишно искуство во соларната индустрија и меѓународни проекти за Европската комисија. Во областа на дигиталната трансформација, Дејан Златковски придонесе со својата ИТ експертиза, кој веќе две децении влијае на политиките и имплементира дигитални проекти во различни економски сектори.
• Увид во пазарните патеки и општественото влијание:
За да им помогнат на учесниците да разберат како да изградат препознатлив бренд со „социјална душа“, своите искуства ги споделија Јана Бирса и Матјаж Кљајич, коосновачи на модерниот бренд за кучиња „Gina’s Woofs“. Кљајич, како домаќин на Fuckup Nights Ljubljana, на идните претприемачи им одржа и една важна лекција: дека неуспехот е само уште едно скалило кон успехот. Жирито беше дополнително засилено со Елизабета Јовановска, меѓународно признат социјален иноватор, наградена од проектот „Zero Project“ на Обединетите нации за нејзината работа во изградбата на инклузивни екосистеми кои ги поврзуваат бизнисот и политиките.
Со менторство на вака искусна жири комисија, овие млади учесници добиваат повеќе од само оценки; тие добиваат непроценливи повратни информации што им помагаат да ги развијат своите идеи во одржливи проекти со долгорочно влијание врз целиот Јадранско-Јонски регион.
Меѓународни награди за идните лидери
Победниците беа објавени за време на свечена церемонија, на која се обратија Габи Хагмилер (Европска Комисија), Тања Кожух (Извршен Директор на Приморскиот Технолошки Парк), Ана Мрзликар од „Спирит Словенија“ и Паоло Галета (Национален Координатор за фондови на ЕУ, Италија).
Првопласираните и второпласираните тимови: На овие идни претприемачи им беше доделено ексклузивно студиско патување во Брисел (8-9 јули 2026 година) за да учествуваат на Деновите на макрорегионалните и морските стратегии 2026 година (Macro-regional & Sea Basin Strategies Days 2026), стекнувајќи увид во стратешките дискусии на ниво на ЕУ.
Третопласирани тимови: Овие тимови ќе бидат поканети во Изола, Словенија (15-17 септември 2026 година) за време на Неделата на медитеранските крајбрежни и макрорегионални стратегии, со фокус на регионалната соработка и одржливиот крајбрежен развој.
Цитати од лидерите
„Неизмерно сум горда на сите учесници. Претприемачкиот дух и компетенциите што ги покажаа докажуваат дека младите во нашиот регион се вистинските двигатели на промените. Освојувањето на EEPA 2025 ни дава дополнителен поттик да продолжиме да го развиваме POPRI како мост помеѓу младите таленти и европските можности.“, изјави Тања Кожух, извршен директор на Приморскиот Технолошки Парк.
Габи Хагмилер, раководител на програмата во Европската комисија, додаде: „Вие не сте само лидери на утрешнината – вие веќе го обликувате денешниот ден. А тоа е токму она за што се залага Јадранско-Јонската стратегија: поврзување на луѓето низ целиот регион, бидејќи оттаму започнува вистинскиот напредок. Ако ги погледнеме вашите идеи, иднината изгледа многу светла.“
Настанот заврши со прием организиран од Амбасадата на Република Словенија во Скопје, при што Ника Ротар, заменик-шеф на мисијата, им посака добредојде и ги поздрави младите креатори на промени.
