Бизнис секторот се подготвува во целост да ги имплементира европските стандарди со цел да ја задржи конкурентноста на пазарот во Европската Унија и по 2030 година. Еден по еден, условите и стандардите за квалитет се исполнуваат. Но, допрва претстојат најпредизвикувачките, пред сè во делот на т.н. зелена транзиција и стандардите за одржливост. Македонските стопанственици велат дека во моментов критериумите за квалитет се исполнуваат, а тоа го поткрепуваат со фактот дека дури 75% од своето производство за извоз го продаваат во Европа.
„Ние се адаптираме на стандардите и сме конкурентни на тие пазари. Но, се случува, како што ги имаме проблемите со транспортерите, како што спомена претходно потпретседателот на Владата, да се изнајде решение. Меѓутоа, за бизнисот е неопходно Македонија што побрзо да биде интегрирана во ЕУ како полноправна членка“, изјави Глигор Цветанот, претседател на бизнис клуб на Стопанска комора.
Во целиот процес, стопанствениците не се оставени сами. Владата и Стопанската комора активно се фокусирани на поддршка за поефикасно да се одговори на предизвиците. Во таа насока, силна улога игра и Бизнис-клубот во Стопанската комора, кој активно им помага на компаниите.

„Во рамки на декарбонизацијата и другите реперкусии коишто следат во следниот период, активно се вклучени дел од Комората, меѓутоа и Владата. Очекувам и поголем пристап и поголема соработка во иднина на релација Комора – Влада, со цел адресирање и на други прашања кои се битни за пристапувањето кон ЕУ и последиците од тоа спрема компаниите од Македонија“, изјави Глигор Цветанот, претседател на бизнис клуб на Стопанска комора.
Но, за целосно исполнување на обврските за намалување на отпечатокот од карбон диоксид и обезбедување мерливи и проверливи информации, потребно е усогласување и на сметководствени извештаи според истиот стандард. За таа цел, Институтот за сметководство организира низа обуки, пренесувајќи ги најновите практики.
„ЕСГ-известувањето ќе биде бенефит за сите и тоа е дел од целиот екосистем. Компаниите сами ќе го применат тоа што е светска практика, бидејќи секој што работи интернационално ќе сака да биде во чекор со промените кои што се во светот. Така да, они секако ќе имаат бенефит“, изјави Весна Прентоска, претседател на ИСОС.
За поголема транспарентност, активно е вклучено и Министерството за дигитална трансформација, каде преку порталот uslugi.gov.mk веќе започнува да се објавуваат дел од извештаите, потврди министерот Стефан Андоновски.
Сметководителите веќе се обучуваат и за користење на дигиталните алатки. Во целиот синџир ќе се вклучи и Државниот завод за статистика, каде дигитално ќе се праќаат финансиските извештаи и завршните сметки и ќе бидат јавно достапни.
