Реклама
Прилози

Охрид блесна за велигденските празници – градот чувар на македонското православие преполн со гости

Разгласувајќи ја веста за Христовото воскресение, силно одекнаа црковните ѕвона во градот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Разгласувајќи ја веста за Христовото воскресение, силно одекнаа црковните ѕвона во градот чувар на македонското православие. Тој радосен глас на полноќ беше најголемата тишина која пробуди чувство на спокој кај секој православен христијанин.

Со мир во душата и љубов во срцето, да простуваме, да се сакаме и почитуваме – Христос воскресе, вака синоќа по полноќ се поздравуваа верниците. Претесни, божјите храмови ги отворија ширум портите за оние кои доаѓаа да запалат свеќа – сите со една мисла и иста желба.

-Прв пат Велигден тука во Охрид. Зошто се одлучивте? Некако наш ни е домашен и најубав. Баш е христијански, традиционален. По обичај секогаш практикуваме сабота кон недела за Велигден фамилијарно обичаите христијански и македонски да ги испочитуваме. За што ќе запалите свеќа? За љубов, здравје и благосостојба на сите, на фамилијата, на целиот народ.

Реклама

-Не знаевме дека вака се дочекува Велигден во Македонија. Јас сум од Шабац, Србија и практично кај нас не е вака. Ние за Велигден наутро само се кршиме со јајца и толку – велат верниците.

На полноќ верниците се кршеа со велигденските јајца, а потоа полека ги напуштаа божјите храмови. Централната богослужба, со која за прв пат чиноначалствуваше новиот митрополит г. Георгиј, традиционално се одржа на Плаошник во Свети Климентовиот храм, „Свети Пантелејмон“.

И од тој споменик на верата и убавината кинисавме по тесните сокаци, каде се слушаа само чекорите на верниците. А токму во стариот дел на Охрид, таму каде што калдрмата тивко ги брои чекорите на минувачите, а ридот полека се наведнува кон езерото, се издига катедралната црква „Света Софија“ – симбол на духовната длабочина што Охрид ја носи со себе и единствено светилиште каде евангелието денес се чита на 12 јазици.

“Се служи вечерна воскресна богослужба со која чиноначалствува нашиот владика, а притоа учествува на службата и сиот православен народ што дошол да присуствува. После вечерната служба на секој верник му се поделува црвено јајце со поздравот Христос Воскресе” – вели Васил Михајлоски, свештеник.

Градот преполн, живее во духот на Празникот над празниците.

-“Ова е прекрасен крајезерски град кој на прв поглед ве освојува. Колку убава земја, колку пријатни луѓе. Езерото е посебна приказна, мора да дојдеме пак. Очарувачки убав град е Охрид. Толку е пријатна атмосферата, Охрид е просто фантастичен.

-Велигденското празнување во Охрид е пол погодок. Православна земја која е многу поволна како дестинација за нас Србите. Првиот впечаток е дека Охрид е град кој воодушевува со убавина.”

Велигден е вистинска можност целото семејство да се собере на заедничка трпеза. Велигденската софра е најбогата, во чест на Бога се принесува сè што е најубаво. Охрид од памтивек негува обичаи поврзани со овој светол ден.