Реклама
Прилози

Велигден во Охрид – бројни верници ги наполнија божјите храмови

Во милениумскиот град, кој секогаш знаел ширум да ги отвори портите за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во милениумскиот град, кој секогаш знаел ширум да ги отвори портите за сите оние што сакаат веста за Христовото Воскресение да ја дочекаат токму тука, владее посебна живост. На Охрид му се восхитуваат бројни туристи од соседството, како и странци, кои знаат да ги впијат убавините на тивкиот и спокоен град. Велигден, велат тие, е празник на радоста и среќата, а Охрид буди силни духовни чувства.

„Охрид е незаменливо место за дочек на велигденските празници. Се знае дека е македонскиот Ерусалим и тука, со семејството, ги дочекуваме најубавите празници во годината за нас Македонците.“
„Јас сум од Канада и првпат сум тука. Градот ме освои толку многу што едноставно не сакам да си одам дома. Вечерва, како што е ред, ќе одиме и во црква, но претходно ќе си купам охридски бисери.“
„Дојдов од Крагуевац со мама и баба, многу е убаво овде. Денес е Велика сабота, а вечер ќе одиме во црква да го дочекаме Христовото Воскресение“, велат туристите.

Охрид, на кој традиционално му се воодушевуваат посетителите поради начинот на кој македонскиот народ го прославува најголемиот христијански празник, годинава е целосно исполнет. Гостите уживаат во прошетки покрај езерото, долж целото крајбрежје, од Канео до Свети Наум.

Реклама

„Ние најчесто нудиме кратки релации – стариот дел на градот, поранешната Титова резиденција и назад, а има интерес и за Свети Наум како една од најатрактивните туристички дестинации. Им објаснувам дека Охрид има богата историја и им покажувам значајни места“, вели Зоран Ангелески, капетан.

Ги прашавме и граѓаните дали велигденската трпеза годинава ќе биде богата. Инаку, денес сите патишта водат кон верските храмови, каде верниците од раните утрински часови доаѓаат да запалат свеќа.

„За здравје, за спасение и за добро на сите. За семејството, за нашиот народ.“
„Запаливме свеќа за здравје, благосостојба и напредок на семејството. Мир да има насекаде.“

„Најважно е да се одбележи празникот во рамките на можностите – да има традиционално црвено јајце и, како што доликува, велигденско јагне.“
„Најубавиот христијански празник – за здравје, среќа и бериќет. Иако не сум охриѓанка, како Македонци дома празнуваме скромно, со семејството – со црвено јајце и пристојна трпеза.“

Црковните великодостојници апелираат празникот да се одбележува подлабоко и подуховно.

„Мора да бидеме малку самокритични. И ние како свештеници треба повеќе да се отвориме кон луѓето, но и народот да покаже поголема желба и да доаѓа во црква. Камбаната не е случајно дел од црквата – кога таа ѕвони, тоа значи дека се случува нешто важно“, вели свештеникот Димче Азески.

Украсен и раздвижен, градот живее во духот на големиот христијански празник. Вечерва, во бројните храмови, верниците ќе ја дочекаат радосната вест за Христовото Воскресение.