Граѓаните стравуваат од нови поскапувања, експертите порачуваат трговците да се вразумат, зашто нема основ за вивнување на цените. Искуствата од досегашните кризи покажуваат дека производителите и дистрибутерите ги покачуваат цените на производите, а по стабилизирање на пазарот тие речиси и никогаш не ги намалуваат. Ковид пандемијата и почетокот на руско-украинскиот конфликт го оправдуваат стравот од нов бран поскапувања и злоупотреби од страна на трговците.
„Компаниите живеат од профит. И на крајот од денот нив им е во интерес да ја качуваат цената на производите, да го билдаат со тоа профитот и при тоа да ги осиромашуваат граѓаните“, Иван Атанасовски, универзитетски професор.
Атанасовски смета дека причина за новите поскапувања ќе биде новата цена на дизел горивото. Но, превозниците тврдат дека нема инстант покачување на цените на превозот.

„Цените во превозот не растат така брзо како што сметаат луѓето, бидејќи зависи од понудата и побарувачката. Доколку на пазарот, а веќе ги има многу повеќе возила кои што се празни отколку што има стока за превоз, така да сè е индивидуално“, изјави Биљана Муратовска од МАКАМ
Превозниците и експертите побараа мерки од страна на Владата. Превозниците бараат враќање на акцизата, а експертите европски искуства.
„Сепак не смеете да им навлезете во тоа што тоа се приватни компании, но она што имате механизам како држава да им ограничите, да дадете одредени субвенции за да помогнете на сопствените граѓани во случај да го издржат тој бран кој би следел“, изјави уиверзитетскиот професор, Иван Атанасовски.
„Она што треба да се направи е долгорочна стратегија, измени во законот за акциза, со цел да не се ограничува, односно да не се зголемува акцизата за превозите кои се вршат на комерцијална основа“, изјави Биљана Муратовска од МАКАМ
Според експертите, Македонија има одличен закон за „нефер трговски практики“, кој во оваа криза може одлично да се најде за ублажување на евентуалниот ценовен шок. Според економските анализи, на краток рок не треба да се очекува нов бран поскапувања.
