Реклама
Прилози

Осум децении од „Македонската граматика“ – темелот на современиот македонски јазик

Осум децении од книгата што ги постави темелите на современиот македонски литературен…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Осум децении од книгата што ги постави темелите на современиот македонски литературен јазик. На 26 јануари 1946 година е објавена првата Македонска граматика од Круме Кепески, дело кое денес не е само научен труд туку и еден од столбовите на македонскиот јазик. Оваа година, институциите се навраќаат на корените, ја негуваат и слават важноста на ова историско дело.

Ова дело претставува еден од темелите на македонистиката и филологијата поврзани и со процесот на наставата и со едукацијата, но секако и со развојот на македонистиката како научна дисциплина.“- вели деканот на филолошки факултет, Владимир Мартиновски.

Осумдесет години подоцна, велат од катедрата по македонски јазик, не се навраќаме само на една обична книга, туку на дело кое придонесе за научно и културно раѓање на народот. Македонистите ја истакнаа важноста на делото кое придонесе за писменоста и образованието на генерации ученици и студенти, кое и  денес се користи како столб за изучување на факултетите.

Реклама

Се навраќаме на научната реалност претставена во неа. Дека македонскиот јазик има сопствен граматички систем, сопствена структура и сопствено културно наследство. Дека овој јазик е создаван низ векови и заслужува да биде проучуван, негуван и унапредуван. Од тука од името на катедрата за македонски јазик со гордост истакнувам дека Кепески остави не само граматика туку и пример како се служи на сопствениот народ.“- вели раководителката на катедрата за македонски јазик, Искра Пановска- Димкова.

Професорите потсетуваат дека со оваа граматика започнува самостојното постоење на македонскиот јазик во образовниот систем.

Македонското образование во тоа време го земаа во свои раце. Истакнато место има Круме Кепески токму со првата граматика.“- вели професорот Димитар Пандев.

Круме Кепески бил роден на 8ми април 1909 година во Прилеп, а починал на 3 ноември 1988 година во Скопје. Воедно бил и истакнат македонист, граматичар, педагог, учебникар и собирач на народни умотворби. Истакнат деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и особено во развојот на граматичарското дело. Првата Македонска граматика се појавува како општествена потреба за остварување на националните потреби на македонскиот народ.