Будимпешта се подготвува да стане центар на глобалната дипломатија. Премиерот на Унгарија Виктор Орбан најави можна средба помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин со цел да се отвори пат за крај на војната во Украина.
Орбан иницијативата ја претстави како резултат на долгорочна политика за „мир и преговори“, додека шефот на дипломатијата Петар Сијарто порача дека „војната може да се реши само на преговарачка маса“.
„Тукушто разговарав по телефон со претседателот Доналд Трамп. Подготовките за мировниот самит САД-Русија се во тек. Унгарија е остров на мирот!“, напиша Орбан во објава на Икс.

Рускиот претседател Владимир Путин пак одржа состанок со постојаните членови на Советот за безбедност веднаш по телефонскиот разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп, објави помошникот на Путин Јуриј Ушаков.
„Синоќа, веднаш по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот Владимир Путин ги собра постојаните членови на Советот за безбедност во Кремљ и детално ги информираше за содржината на разговорот“, рече Ушаков.
Вчера, Трамп и Путин го одржаа својот осми телефонски разговор од почетокот на вториот мандат на американскиот лидер.
По двочасовниот разговор на 16 октомври, Доналд Трамп соопшти дека со Владимир Путин се договориле да се сретнат во Будимпешта за да разговараат за завршување на војната во Украина. Датум не е објавен, но Трамп оцени дека во разговорот е постигнат „голем напредок“, а за денес најави средба со Володимир Зеленски во Белата куќа. Во меѓувреме, Вашингтон подготви законско решение што предвидува високи царини за земји кои купуваат руска нафта, гас, ураниум и други производи како обид да се ослаби руската економија.
