Железничката станица во Скопје нема повеќе да биде турбо фолк хаб. Македонски железници најавуваат целосна реконструкција на едно од архитектонските обележја на главниот град, со која ќе се зачува основниот изглед кој што е направен по проектот на Кензо Танге, но со нови и модерни елементи и материјали. Ќе се врши замена на инсталацијата, водоводот, греењето и ладењето. Ќе има забрана за рекламирање на какви било рекламни билборди.
„Се што е во меѓувреме доградено од првичниот проект на Железничката станица ќе биде отстрането. Низ годините наназад некој тоа го легализирал, некој склучил некои договори кои не се баш правно издржани. Секоја надградба, дали се ресторани, дали е кој било комерцијален објект кој што излегува од првичниот проект, ќе биде отстранет“, вели Синиша Ивановски – директор на Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура.
Архитектонскиот факултет е вклучен во реконструкцијата, оттаму најавуваат дека новата станица ќе биде не само транспортен центар, туку и отворен простор за социјален и културен живот.

И очекуваме со сите интервенции, кои што ќе ги предложиме и кои што секако во прв план ќе се однесуваат на реконструкција на оригиналната состојба со сета почит кон големиот проектант, исто така ќе придонесат и со надградрување на одредени содржини кои што овој објект ќе го направат еден вистински социјален хаб, еден културен центар, отворено плато за културниот и јавниот живот на скопјани изјави Анета Христова Поповска – деканка на Архитектонски факултет:
Паралелно со обновата на главната железничка, ќе се работи и на ремонт на пругата Зелениково–Велес, санација на свлечишта и обнова на мостот на Црна Река. Во проектите ќе биде вклучен и Градежниот факултет.
„Железничката мрежа, поточно железничкиот коридор 10 кој не е во добро состојба. Наша задача со овој проект е да направиме целосна реконструкција и рехабилитација на елементите од железницата“, изјава. Проф. д-р Јосиф Јосифовски – декан на Градежен факултет:
Железничакта станица е дел од комплексот наречен Транспортен центар кој е завршен во 1981, чиј автор е големиот јапонски архитект Кензо Танге, кој е автор и на главниот проект за изградба на Скопје по земјотресот во 1963. Станицата, која е на помалку од километар од центарот на градот, има 10 колосеци поставени на масивен бетонски мост долг два километри.
