Американскиот претседател Доналд Трамп во видео-обраќање до нацијата од Овалната соба во Белата куќа рече дека е исполнет со тага, но и со бес поради, како што го нарече, „гнасниот атентат“ врз неговиот сојузник Чарли Кирк.
„Исполнет сум со тага и гнев поради гнасниот атентат врз Чарли Кирк на универзитетскиот кампус во Јута. Тој инспирираше милиони луѓе и сите што го познаваа и сакаа вечерва се во шок. Ова е мрачен момент за Америка“, изјави Трамп.
Тој додаде дека Кирк станал маченик за вистината и слободата и упати молитви до неговото семејство. Претседателот ја поврза смртта на Кирк со атентатот извршен врз него во Батлер, Пенсилванија, како и со други познати случаи на насилство.

„Овој вид реторика е директно одговорен за тероризмот што го гледаме во нашата земја и мора да престане веднаш. Мојата администрација ќе ги пронајде сите оние што придонесоа за ова злосторство“, порача Трамп.
Тој посочи дека Американците и медиумите мора да се соочат со фактот дека насилството и убиствата се трагична последица од демонизирањето на оние со кои не се согласувате. Напомена и дека „радикално-левичарското политичко насилство“ повредило премногу невини луѓе.
Трамп вети понатамошни дејствија, најавувајќи поширок план за сузбивање на овој вид насилство.
„Мојата администрација ќе ги пронајде сите оние што придонесоа за ова злосторство и за други политички насилства, вклучувајќи ги организациите што го финансираат и поддржуваат, како и оние што ги гонат нашите судии, службеници за спроведување на законот и сите други што воведуваат ред во нашата земја“, изјави претседателот.
Чарли Кирк беше застрелан на настан на Универзитетот Јута Вели во градот Орeм. Тој почина во болница неколку часа подоцна. Осомничениот напаѓач е во притвор.
Кирк е најпознат како основач на „Turning Point USA“, непрофитна организација што делува на стотици американски универзитети и средни училишта, промовирајќи конзервативни идеи меѓу младите. Би-би-си го опишува како еден од „највлијателните конзервативни личности во САД денес“, додавајќи дека неговото влијание е тешко да се потцени.
Неговата организација ги здружува и финансиски ги поддржува младите активисти, а Кирк изгради публика од милиони следбеници на социјалните мрежи – повеќе од 5,2 милиони на Икс и 7,3 милиони на ТикТок.
