По европратеникот Томас Вајц, Бугарите сега и се пуштија и на еврокомесарката Марта Кос.
Бугарски „БГНЕС“ во својата статија под наслов „Билатералниот неуспех на Марта Кос“ ја обвини комесарката за заменување на европската позиција во служба на странски интереси и дека и таа, како Томас Вајц, зборувала со реториката на Македонија место со европска. Отидоа и понатаму и ја обвинија дека во минатото имала врски во поранешната УДБА.
Причина се последните изјави на Кос, а претходно и на Каја Калас, во кои оставија простор Бугарија и Македонија повторно да седнат на маса и да најдат решение за блокадата.

Со темпото со кое почнаа да ги таргетираат еврофункционерите, Бугарија е на пат да се скара со цел Брисел. Она што е најсмешно е дека тие ја обвинуваат Кос за „билатерализација“ на спорот кој според нивната најнова реторика бил „европски“, а не меѓу двете држави.
Имено, според БГНЕС, еврокомесарката Кос „целосно и некритички ги повторува антиевропските наративи на политичката елита во Скопје, што ја става во подредена положба дури и пред третокласни лидери како Христијан Мицкоски“.
„Скандалозното однесување на европската комесарка за проширување Марта Кос во последните месеци ги оживеа долгогодишните сомнежи за нејзините врски со југословенската државна безбедност – УДБА. Прашањата што се вртат околу нејзината личност повторно излегуваат на виделина откако таа покажа целосна неспособност – или можеби неподготвеност – да го брани паневропскиот интерес во Западен Балкан. Покрај тоа – Кос целосно и некритички ги повторува антиевропските наративи на политичката елита во Скопје, што ја става во подредена положба“, се вели во коментарот на „БГНЕС“.
Ја обвинуваат дека не само што не го бранила европскиот консензус од 2022 година, туку директно ја усвоила реториката на скопските политичари за таканаречената „билатерализација“ или „билатерален проблем“ со Бугарија, што било неприфатлива позиција за европски комесар.
Овој удар врз Кос, следи само неколку дена откако го обвинија и европскиот пратеник Вајц дека бил поткупен и работел во интерес на Македонија, затоа што во неговиот извештај ставил текст со потврда на македонски идентитет и јазик.
