
На граничниот премин Богородица, мобилен царински тим спречи обид за криумчарење на 6,4 килограми сребро со проценета вредност од 472 илјади денари. Против лицето инволвирано во случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело криумчарење, согласно одредбите од Кривичниот законик.
Среброто било откриено при контрола на камион што превезувал стока од Турција наменета за македонска компанија. При детална проверка на возилото, мобилниот тим во фабричките празнини пронашол 1.944 парчиња сребрен накит со тежина од 5,4 килограми и две сребрени плочки со вкупна тежина од еден килограм.

Покрај среброто, во сандакот за алат под долниот кревет во кабината, како и под возачкото седиште, биле пронајдени и 20 штеки цигари од брендови како „Малборо“ и „Мурати“, кои исто така биле непријавени.

Возач на камион, откако ја натоварил стоката во Истанбул, се договорил да преземе и да пренесе две ќеси сребро до Скопје за одреден надомест. Среброто го сокрил во фиоките покрај совозачкото седиште и зад пластиките кај електрониката под возачкото седиште. Откако ја завршил скривницата, се упатил кон територијата на Македонија, каде што бил откриен од мобилен царински тим на граничниот премин Богородица.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа за понатамошна постапка, информираат од институцијата.

Од Царинската управа информираат и за уште неколку случаи на спречен шверц. Во два од нив, мобилните царински тимови заплениле 220 комплети алати, меѓу кои моторни пили и циркулари.
Првиот случај бил откриен при контрола на увозна пратка со потекло од Кина, пријавена за царинење во царинската испостава Гевгелија. Стоката била наменета за увозник од Скопје, а поради сомневање, била извршена дополнителна проверка. Притоа биле пронајдени 192 комплети со рачен алат и 40 моторни пили, кои не биле пријавени во царинските документи.
Вториот случај е регистриран на граничниот премин Табановце, при контрола на автобус кој сообраќал на релација Италија – Македонија. Во патните торби на еден од патниците биле откриени 28 парчиња користен електричен алат и полначи.
Во посебен случај, македонски државјанин се обидел да внесе дури 250 парчиња икони преку Табановце. Мобилниот царински тим при контрола на возилото ги пронашол иконите сокриени на различни места во автомобилот.
Дополнително, царински службеници од испостава Скопје 3 заплениле 5.475 кутии за школски прибор со ознаки на заштитени трговски марки. Поради основан сомнеж дека се работи за повреда на права од интелектуална сопственост, предметите се одземени, стои во соопштението од Царинската управа.
