Парите од втората фаза од донациите на Црвениот крст деновиве ќе се најдат на сметките на семејствата на повредените. Од утре започнува последната проверка на списоците па се очекува во текот на неделава парите да бидат доделени на повредените кои се лекуваат во земјава. До сега во првата фаза на исплата, по 150.000 денари добија 117 луѓе, семејствата на 59-те починати и оние кои се лекуваат во странство.
„Беше завршена првата фаза од распределување на оние средства кои што беа собрани… тие средства во првата фаза на 117 лица кои се лекуваат во странство и на починатите лице по трагедијата во Кочани беа распределни средства, односно веќе од утре во соработка со министерството за здравство ќе се финализираат списоците и ќе започне дистрибуција на парични средства, односно помош до оние лица кои што се лекуваат или се лекувале во болниците“ вели Сандра Томовска, теренески координатор на Црвен Крст на Македонија
Граѓаните се уште можат да донираат преку телефонскиот број за донации на Црвениот крст којшто постојано е активен. Телефонската линија за донација ќе биде активна се додека е потребно.

„Засега навистина нема план кога и како би ги затворил тие броеви, тие донации бидејќи сеуште сме нели само на две-три недели откако ни се случи големата трагедија, така да засега навистина како национално друштво немаме конкретен план, односно ќе се следи состојбата како ќе се полнат фондовите и како ќе бидат нели распределени средствата така и ќе се договараат следните чекори за тоа кога од прилика би се затворил бројот за донација“ вели Сандра Томовска, теренески координатор на Црвен Крст на Македонија
Црвениот крст досега преку линијата за донации има собрано над 107 милиони денари. Екипите на Црвениот крст по трагедијата во Кочани веднаш започна со нудење на прва помош, психолошка, транспорт и материјална поддршка.
Давид Крстевски
