Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во гостување на една од националните телевизии, изрази сомнеж дека буџетот на судството и обвинителството се причината за лошите резултати во правосудството.
– Јас можам да ви гарантирам дека не станува збор за парите. Еве сега, преку судски буџет, судовите во Македонија добија дозвола за вработување на преку 200 луѓе и догодина ќе добијат уште толку. Платите им се покачени на судиите и чекаме одлука на Уставниот суд за обвинителите, но каква и да биде, позитивна или негативна, и тие ќе добијат покачување на платите. Ќе се доведеме во една ситуација во којашто да речеме, многумина од судиите во апелација ќе имаат повисока плата од претседателот на Владата. Но и тоа нека биде така. Јас ви гарантирам дека сето злато на светот да им го дадеме, ако нема чувство на одговорност и правдољубивост бадијала е сѐ – посочи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека со сегашниот буџет се предвидуваат многу повеќе средства за обвинителството и судството како од порано, така и од повеќето земји членки на ЕУ.
– Јас зборувам за една мала група луѓе, коишто ги контаминира другите луѓе. Еве да речеме каква е одговорноста на Врховниот суд? Дали некој прашува како работи Врховниот суд? Зошто кривичниот оддел при Врховниот суд континуирано поништува дела каде што се засегнати функционери од ДУИ и ги враќа во прв степен за да застарат? Граѓаните се шокирани од ваквите одлуки. Затоа велам може да имате прекрасни судии, и има прекрасни судии со одлуки поврзани со правото, стотици, но една ваква одлука сѐ поништува. Затоа што ова е политички сензитивна одлука, кога вие како судии во Врховен суд ќе вратите дело коешто поминало во Основен и на Апелација повторно на почеток, затоа што знаете дека тоа дело ќе застари и нема време лицето да биде правосилно осудено – истакна Мицкоски.
Тој ги повика медиумите да ги проверат судиите кои учествувале во носењето на одлуките за случаите „Ласкарци“ и „Модуларната болница“ и зошто се донесени таквите одлуки. Таквите одлуки според него ги фрустрираат граѓаните и него лично, бидејќи создаваат чувство дека нема борба против криминалот.
– Сте слушнале ли за отчет на Врховниот суд, еве за Кривичниот оддел? Сте виделе ли вие кои се таму судии во кривичниот оддел? Еве проверете – рече Мицкоски.

