
Поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илијевски и Ратко Димитровски одат во куќен притвор, пресече штипска апелација. Судиите од Апелациониот суд ја отфрлија жалбата на обвинителството, екс градоначалници да го издржуваат притворот зад решетки. На екс градоначаникот Ратко Димитровски му е прифатена жалбата за одземениот пасош, но не и жалбата за притворот. За неговиот пасош ќе одлучува Кочанскиот суд.
Градоначалникот кој си даде оставка по трагедијата, Љупчо Папазов дефинитвно останува зад решетки.
Обвинителството вложи жалба за поранешните градоначалници, но не и за поранешната директорка на ДПИ Анета Симеска Димоскa за која исто така судот одреди куќен притвор. Бидејќи Обвинителство не вложи жалба за неа, таа е веќе дома.

Според соопштението на Кочанскиот суд 22- ца од притворените се жалеле за притворот, а за 19 мерката е потврдена.
Од кои причини судиите одлучиле да го сменат притворот со поблага мерка за екс градоначалниците засега нема информација, а од Судот не сакаат да коментираат бидејќи решенијата не биле правосилни.
МВР продолжува со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“. Последно, претреси се вршеа во домот на сопственикот Дејан Јованов, а одземени за вештачење се лап топ компјутери, повеќе мобилни телефони и документи, поврзани со бизнисот со импровизираната дискотека.
Од обвинителството, пак, информираа дека сите снимки поврзани со трагедијата од Кочани ќе бидат дел од доказниот материјал. Обезбедени се и снимки од камери коишто биле поставени внатре и околу дискотеката.
За трагедијата во Кочани под истрага се вкупно 27-на за кои обвинителството има основано сомневање за сторено кривично дело “тешки дела против општата сигурност и за примање поткуп“.
Со истрагата се опфатени и уште седум полицајци од Штип и Кочани кои според обвинителството одобриле лиценца за кабаре иако, објектот не ги исполнувал условите. Сите седуммина се во 30 дневен притвор. Оваа истрага ја води Обвинителството за организиран криминал.
Меѓу осомничените од Министерството за економија се: поранешен министер за економија, екс државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник. Осомничени од ДПИ се поранешната директорка и тројца инспектори како и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување
Меѓу осомничените се и одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување. Истрагата опфати и три фирми.
