Првата недела од февруари, се очекува да биде распишан вториот јавен повик за општините да можат да ги искористат вкупно предвидените 250 милиони евра од унгарскиот кредит. Претходно, до крајот на месецот, истиот треба да помине и на владина седница, најави министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Тој посочи дека се задоволни од работењето на општините , бидејќи речиси сите проекти се влезени во фаза на реализација.
„Од вкупно 288 проекти коишто се контрактираа за да добијат средства од централниот Буџет веќе се склучени договорите и ќе влезат во фаза на реализација. Инаку само два од овие 288 договори ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми при јавните набавки. Очекуваме со подобруваање на временските услови, во периодот што следува да почне градежна и економска експанзија на територијата на Македонија„ изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Перински во Штип, заедно со градоначалниците од неколку региони , експерти и граѓански здруженија присуствуваа на втората јавна дебата во врска со модернизирање на Законот за локална самоуправа. Новите измени се темелат на три главни постулати, а тоа е воведување на комунална полиција, поголема вклученост на граѓанскиот сектор и најважниот референдумска можност за отповикување на градоначалник.

„Вториот дел е во сегментот на обврските или односот на градоначалникот и советот кон граѓаните. Колку треба повеќе да бидат поотчетни градоначалниците, колку треба да бидат подостапни за граѓаните. Мал сехмент ќе предвидиме и ќе поразговараме, тоа е се уште предмет на дебата и разговор околу можноста или европските практики за отповикување на градоначалник„ изјави проф. Гордан Георгиев.
„Не смееме да дозволиме општините, градоначалниците вклучувајќи се и јас самиот себе да оставиме можност да не се развиваат општините и ова да зависи од волја на одреден градоначалник. Во исто време не смееме да дозволиме општините да бараат милост за развој на средините, за развој на општините. Така да она што е многу значајно и битно е да има контролен механизам на функционирање на локалните самоуправи, вклучувајќи ги градоначалниците„ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Актуелниот Закон за локална самоуправа е стар над 20 години и избраните градоначалници остануваат на функција до крајот на мандатот. Според Перински, главната иницијација за референдумски отповик на градоначалник, меѓу другото е и состојбата што се случува во Скопје. Се очекува веќе од следните локални избори, новиот Закон да биде применлив.
Александра Ристевска
