Претседателот на Владата Христијан Мицкоски ќе присуствува на инаугурацијата како лидер од Балканот. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.
За време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер треба да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинваква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион“ изјави Мицкоски во интервју.

Министерот за транспорт Александар Николоски синоќа во телевизиско интервју информира дека тоа што премиерот Мицкоски доби покана да присуствува на инаугуирацијата на Трамп е огромна и ретка работа, и веројатно од регионот е единствениот што ќе присуствува.
Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави.
