До крајот на неделава ќе се финализираат сите постапки за парите од унгарскиот заем наменети за бизнисот да бидат достапни за фирмите. Компаниите да направат квалитетни проекти за кои би добиле до 8 милиони евра за инвестиции по фиксна каматна стапка од 1.95 отсто. Премиерот Мицкоски вели дека е задоволен од постигнатиот договор со банките кои подадоа рака со Владата за условите по кои ќе ги даваат заемите за стопанството од 250-те милиони евра од унгарскиот кредит . За да аплицира фирмата треба да има 20 отсто сопствено учество ,ќе бидат поддржани компании кои ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.
Тоа значи дека од тие 10 милиони, би требало 20 проценти минимум да е сопствена инвестиција, што значи дека до 8 милиони евра ќе бидат финансирани од овој проект. Тука се опфатени објекти што се од обновливи извори на енергија, онаму каде што ќе се инвестира, таму нели сите ние сме за онаа зелена транзиција, се боревме што побргу да ги постигнеме целите имајќи предвид дека планот за раст тоа и го наметнува и сме први во регионот, иако како влада последни почнавме во многу работи и први ќе ја добиеме траншата, рече Мицкоски.
250-те милиони кои ќе се инвестираат во бизнисот и 250- те во општините ќе придонесат за инвестициски циклус и раст на економијата, односно инвестициите од фирмите и општините ќе креираат 5 отсто од БДП. На овој начин државата ќе се спротистави на евентуалната економска криза која би се случила како последица на кризата во автомобилската индустрија во Европа,.

Мислам дека е тоа добро за економијата имајќи во предвид дека обврска на компаниите е проектот да го финансираат со најмалку 20 отсто сопствени средства. Со тоа станува збор за најмалку 300 милиони евра инвестиција, а кога на тоа ќе се додадат уште 500 милиони евра што ги реалоцираме од Буџетот кон општините стануваат 800 милиони евра, станува збор за 5 отсто од БДП. Од аспект на енергетските ресурси кај нас мислам дека е оптимална состојбата и дека зимава ќе ја поминеме без поголеми потреси и проеметувања на пазарот. Подготвени го пречекуваме тоа и можеби сме први во регионот и во Европа – оцени Мицкоски.
Каматата што ќе ја плаќаат фирмите од 1.95 отсто ќе ја задржат банките, а ќе бидат обврзани да вратат 250 милиони евра како главница.
