ВМРО ДПМНЕ со преставка до Уставниот суд ќе бара ставање на времена мерка на Законот од 2021 за патните исправи. Лидерот на партијата најави дека се разгледуваат опоции како да се надмине хаосот со личните документи.
“Имаме две опции едната опција е во парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи и тоа е една од опциите. И втората опција е да се поднесе претставка пред Уставниот суд и да се стави времена мерка на Законот од 2021-ва година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите. Доколку Уставниот суд е експресен како што видовме во минатото тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка“ заклучи Мицкоски.
Мицкоски го обвини Спасовски дека дополнителен проблем со патните исправи е доцнењето со набавката за обрасци. Тоа според него е намерен потег на власта, затоа што доаѓа техничка влада, каде што технички министер на МВР ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа ќе се создаде вакум простор до март кога треба да дојдат новите обрасци и тогаш да се обвинува идниот технички министер кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ.

И претседателот Стево Пендаровски побара од владата да го продолжи рокот за замена на личните документи до крајот на годинава, за да се избегнат редиците чекање. Премиерот Ковачевски повтори дека мора да се праша и Грција.
“Кога претседателот Пендаровски ќе разговара со грчката претседателка, тој ќе не информира и ние ќе можеме да дејствуваме” кажа премиерот.
Во меѓувреме, пред шалтерите на МВР и пунктовите отворени за вадење лични документи се случува невиден хаос. Граѓаните нервозни, се туркаат и се расправаат за да се фотографираат но и за да ги земат готовите лични документи.
