Најниска температура изутринава е измерена на Попова Шапка, каде што се регистрирани минус шест степени, а минус пет степени се измерени во Маврови Анови. Во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе температурата изнесува минус три степени, додека минус два степени се измерени во Берово.
Минус еден степен е измерен во Тетово и Куманово, а нула степени во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, Битола, Прилеп, Велес, Виница, Кавадарци и Демир Капија. Во Штип се измерени еден степен, во Струмица два, а најтопло утрово е во Гевгелија, со три степени, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Најголемо количество врнежи во изминатите 24 часа, до 7 часот изутринава е регистрирано во Пожаране, каде што наврнале 42 литри на квадратен метар. Во Демир Капија се измерени 35 литри, а во Струмица и Маврови Анови по 34 литри на квадратен метар.
Во Попова Шапка наврнале 33 литри на квадратен метар, во Претор 31, во Битола 30, во Берово 27, во Крушево 25, а во Гевгелија 24 литри. Во Охрид се измерени 22 литри, во Велес 16, во Крива Паланка 15, во Виница 14, во Тетово 13, во Скопје-Петровец и Прилеп по 11, а во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Тополчани по 10 литри на квадратен метар. Во Лазарополе се измерени девет, а во Кавадарци два литра на квадратен метар.
Највисока снежна покривка во 7 часот е измерена во Маврови Анови, 28 сантиметри, а во Крушево 27 сантиметри. На Попова Шапка снежната покривка е 18 сантиметри, во Лазарополе 15, во Тетово 10, во Куманово девет, а во Тополчани осум сантиметри. Во Берово и Битола има пет сантиметри снег, во Крива Паланка четири, а во Скопје-Петровец е измерен еден сантиметар снежна покривка.
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места, особено долж Повардарието, од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од минус еден до пет степени.
Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, кои ќе престанат попладне. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до два степена.
