Општина Гевгелија доби признание за придонес во развојот и промоцијата на туризмот на 57. Меѓународен саем за туризам во Нови Сад.
Како што информираат општинските власти, пехарот од Новосадскиот саем Општината го добила поради придонесот во развојот на туризмот, зачувувањето и промоцијата на културно-историското наследство и традицијата, како и збогатувањето на туристичката понуда на Гевгелија.
Оттаму велат дека значајното признание му е доделено на градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, кој за потенцијалите со кои располага градот, туристичката понуда и атрактивноста на Гевгелија како дестинација за посета, зборувал и во интервју за неколку српски телевизии.
– Српските државјани се пријатели на Гевгелија,тие се наши гости во текот на целата година и уживаат во љубезноста на гевгеличани. Учеството на вакви меѓународни саеми е одлична можност за воспоставување нови контакти, размена на искуства и промоција на Гевгелија како се повеќе атрактивна туристичка дестинација пред посетителите од Србија и регионот – смета Сарамандов.
При истата посета, градоначалникот на Гевгелија остварил средба и со Владимир Гак, претседател на Стопанската комора на Војводина и Ѓорѓе Димиќ,претседател на советот на општина Инџија.
