Во салата „Кочански ангели“ во Кочани денеска ќе се одржи официјалното затворање на обуката „Фудбал за животни вештини“, која ја спроведува Кралската фудбалска асоцијација на Холандија (КНВБ).
По турнирот, на кој ќе учествуваат околу 60 деца од Кочани и регионот, во 11:30 часот ќе се обратат градоначалникот Владко Грозданов, амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, и претставник на КНВБ. Предвидено е и доделување сертификати на сите учесници во програмата.
Програмата се реализира со поддршка на Фондацијата на УЕФА за деца (UEFA Foundation for Children) и Кралската фудбалска асоцијација на Холандија, во соработка со Општина Кочани и невладината организација Такт.
Истиот ден, со почеток во 16 часот, во Мултикултурниот центар во Кочани ќе се одржи завршен концерт, со кој ќе биде затворена работилницата „Средба со чембалото и барокната музика“, предводена од Цветанка Созовска, македонска музичарка која долги години живее и работи во Холандија.
