Првата машка трка во Македонија и регионот посветена на машкото здравје, „БРК-АМЕ МАШКО ЗДРАВЈЕ!“, ќе се одржи денеска на кејот на Вардар во Скопје.
Настанот е во организација на Атлетскиот клуб „Кираџиев Тренинг Систем“ и е дел од ноемвриската кампања за машко здравје „Мувембер“, а ќе опфати атлетска трка на пет километри со спортски, едукативен и здравствен карактер.
Иницијаторка и проектна менаџерка на настанот е Бранкица Анѓелевска, која посочува дека целта е да се поттикне отворен разговор за физичкото и менталното здравје кај мажите, како и да се подигне свеста за важноста на превентивните прегледи и навременото барање поддршка.
Трката ќе се одржи на левиот брег на Вардар, кај пешачкиот мост во близина на Спортска медицина. Трасата е долга пет километри и се протега по кејот до мостот кај хотел „Палас“ и назад по истата патека.
Поддршка на иницијативата дава Здружението на уролози на Македонија, чии претставници ќе се обратат пред стартот на трката, а на посебен штанд ќе обезбедуваат бесплатни совети и информации за посетителите.
Според програмата, свеченото отворање е закажано за 10:15 часот, по што ќе следи обраќање на претставници на Здружението на уролози, а стартот на трката е во 11 часот. По завршувањето на трката ќе бидат прогласени победниците, а предвидена е и музичка програма.
