– Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков се сретна со Доминик Роудс, втор секретар и раководител на одделот за политички прашања и комуникации при Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички и реформски процеси во земјата, напредокот во европската интеграција и можностите за понатамошно унапредување на билатералната соработка, соопшти Министерството за европски прашања.

Трајков ја истакна посветеноста на институциите кон спроведувањето на реформите, со посебен акцент на владеењето на правото, зајакнувањето на институционалните капацитети, транспарентноста и ефикасноста на јавната администрација.
Особено беше нагласена важноста на континуираната поддршка и партнерството со Обединетото Кралство во процесите на демократски развој, институционално унапредување и остварување на стратешките приоритети на државата.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за продолжување на отворениот дијалог и соработката во области од заемен интерес, стои во соопштението.

