Јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027–2032 ќе се одржи денеска со почеток во 10 часот, во Музејот на македонската борба.
На расправата ќе се обратат министерот за култура и туризам Седат Сулејмани и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, по што нацрт-националната стратегија ќе ја презентира проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Во рамките на јавната расправа ќе бидат презентирани стратегиските цели, приоритетните области, предложените мерки и Акцискиот план за развој на туризмот во земјава.
Јавната расправа претставува завршна фаза од консултативниот процес за подготовка на стратегијата, а се очекува активно учество на претставници на институциите, општините, туристичкиот сектор, академската заедница и граѓанските организации.
Целта на стратегијата е да поттикне развој на препознатлива, конкурентна и одржлива туристичка дестинација, со квалитетна туристичка понуда во текот на целата година и поголема економска корист за локалните заедници во сите региони.

