– Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ – Скопје денеска организира трибина посветена на хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата, со цел подигнување на јавната свест, информирање на граѓаните и поттикнување отворена дискусија за значењето на органодарителството.
Трибината ќе се одржи во Народната канцаларија на претседателката на Македонија. Најавено е обраќање на претседателот на здружението, м-р Душко Ѓоргиев, националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, и професионалци од областа нефрологија, дијализа и трансплантација, лица што се лекуваат со дијализа, трансплантирани и донори на органи.
Преку непосредна дискусија присутните ќе имаат можност да се информираат за хроничната бубрежна болест, можностите за лекување, значењето на трансплантацијата и потребата од развивање култура на органодарителство. Посебен акцент ќе биде ставен на рушењето на митовите и предрасудите поврзани со донирањето органи, како и на важноста од навремено и точно информирање на граѓаните. Ќе се упати порака за поддршка на пациентите со бубрежни заболувања и за потребата од заедничко дејствување на здравствените институции, граѓанските организации и пошироката заедница, информираат од „Нефрон“.
Од здружението посочуваат дека со трибината ги продолжуваат активностите од проектот за подобрување на пристапот до здравствени и социјални права на дијализните пациенти од заедницата и развој на културата на дарување органи и трансплантација, кој е поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците. Следната трибина, како што најавуваат, ќе ја одржат на 3 декември во Куманово.

