Кризата со кравите од Крива Паланка ескалира. И покрај понудената стратегија и план за спас на градот од слободниот добиток којшто се шета по улиците сепак, првиот човек на општината продолжува со циркусот и не ја прифаќа подадената рака за помош. Советниците на ВМРО – ДПМНЕ предложија акциски план според кој ќе се собере добитокот и предаде на Агенцијата за храна и ветеринарство, а со тоа конечно ќе се реши проблемот со слободно пуштените крави. Сепак, градоначалникот е упорен со обвинувањата кон советниците од ВМРО ДПМНЕ обвинувајќи ги за политички небулози и дволичност. Тој тврди дека Општината не може да презема туѓи законски надлежности и бара државните институции да постапат и да го изнесат добитокот од градот.
„Без разлика на сите ваши политички небулози, ќе одиме до крај додека институциите согласно закон не го изнесат последното грло добиток од Крива Паланка. Не можеме да преземеме туѓа законска надлежност која ја нема општината. Баравме од АХВ и од Агенцијата за одземен имот да постапат согласно решенијата, но за жал сè уште немаме одговор кога и како ќе започне акцијата за заловување“, вели Сашко Митовски, Градоначалник на Општина Крива Паланка.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Рангелов, го оцени настапот на градоначалникот како чисто политички говор. Тој нагласи дека нивната советничка група предлага конкретен Акциски план со јасен правен основ, потсетувајќи дека присуството на кравите претставува нарушување на комуналниот ред, за што директна законска надлежност има токму Општината преку комуналниот инспектор и јавното претпријатие „Комуналец“.
„Правниот основ на акцискиот план се темели на одлуката за комунален ред што ја донел Советот. Општината има законска надлежност да ја констатира состојбата преку комуналниот инспектор, кој потоа му издава налог на јавното претпријатие ’Комуналец‘ да ангажира механизација и да го смести добитокот во општински прифатен пункт, каде понатаму настапува ветеринарот од АХВ“, вели Александар Рангелов, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Во пресрет на седницата, група граѓани на кратко го блокираа магистралниот пат. На протестот беше присутен Митовски, но и поранешниот министер од редовите на СДСМ Николоски но и пратеници од Левица. Протестот заврши мирно иако на кратко имаше и турканици со пиолицајците кои се обидуваа да воведат ред. Проблемот со кравите инаку одекна и во светските медиуми. Градоначалникот Митовски бараше одврзани раце за да ги реши кравите за десет дена, повикуваше на кризна состојба, пишуваше писма до амбасади и кога му се понуди план за спас на општината тој го одбива.

