Нема победник во нуклеарна војна и таа никогаш не треба да се случи. Историската средба во Шенжен заврши со заедничка декларација на тројцата најмоќни лидери во светот. Кина, Русија и САД се согласиле за реформи на Обединетите Нации, зголемување на снабдувањето со гориво и започнување дијалог за намалување на нуклеарните ризици.
Во заедничката декларација не се споменуваат војните во Украина и Иран, две прашања за кои Доналд Трамп рече дека ги покренал на своите разговори со Владимир Путин и Ши Џинпинг во билатералките кои се одржаа претходно. Трамп оцени дека средбите со Путин и Ши се историски и дека тие се голема победа.
„Како претседатели на три од најголемите земји во светот, имаме посебна одговорност да одржуваме отворен, исполнет со почит и продуктивен дијалог за прашањата што влијаат не само на нашите народи, туку и на целата планета. Премногу често, претходните лидери избегнувале разговори со земји со кои имале несогласувања, а ние сметаме дека треба да биде спротивно“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Кога големите сили се во хармонија, светот е во мир, а кога тие се во конфликт, светот е во хаос, рече Ши, нагласувајќи дека оваа прва средба на лидерите има пионерско значење.
„Со цел да се поттикне нов модел на односи меѓу големите сили, заснован на мирен соживот, севкупна стабилност и балансиран развој, во корист на секоја од нив, но и на целиот свет“, изјави кинескиот претседател Ши.
Путин, заблагодарувајќи му се на кинескиот претседател за организацијата на средбата, исто така излезе со ставот дека трите земји како победници во Втората светска војна имаат заедничка одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност.
„Нашите три држави се победнички во Втората светска војна и имаме заедничка одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Бевме меѓу основачите на Обединетите нации“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Ова беше прва средба на лидерите на трите светски велесили досега и траеше околу еден час и дваесет минути.

