Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Естонија со седиште во Будимпешта, Јана Ванамолдер.
На свечената церемонија, таа го истакнала примерот на Естонија во демократската транзиција, институционална модернизација и дигитална експанзија, како релевантен реформски модел.
– За претседателката, политичката и безбедносната соработка треба да се дополнат со економска, образовна, научна, културна и туристичка. Обете ја потврдија важноста на сојузништвото во НАТО, во контекст на актуелните безбедносни состојби и закани – соопшти Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова изразила благодарност за поддршката што Естонија ни ја дава на евроинтегративниот пат.
Се заложила за преговори ослободени од билатерални услови, од идентитетска природа и за јасни, предвидливи и објективни критериуми, втемелени врз темелните европски вредности и постигнатите реформски резултати.
Амбасадорката Ванамолдер, како што соопшти Кабинетот на претседателката, укажала на неизвесноста на преговарачкиот процес врзан за билатералните прашања и изразила разбирање за регионалните заложби и нашите природни европски амбиции.
Таа потсетила на важноста на меѓусебната регионална поддршка за побрзиот процес на преговори и стекнување членство во ЕУ. За неа, европската иднина на регионот се гради преку партнерство, меѓусебно разбирање и проширување.

