Во Општина Делчево се одржа конститутивен состанок на Локалното координативно тело за борба против родово базираното и семејното насилство, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, координирано постапување и поефикасна превенција и заштита на жените и девојките од сите форми на насилство.
На состанокот присуствуваа претставнички од Центарот за социјална работа – Делчево, Министерството за внатрешни работи – ОВР Делчево, Здравствениот дом, образовните институции, Организацијата ЖЕНА, како и претставници од Општина Делчево.
Формирањето и координацијата на работата на телото се реализираат на иницијатива и со поддршка на Организацијата ЖЕНА – Делчево, која во декември 2024 година го иницираше воспоставувањето на локалниот механизам за заштита на жените и девојките од семејно насилство. Неговото повторно активирање и функционално зајакнување произлегуваат од потребата за појасно дефинирање на надлежностите и улогите на институциите, како и воспоставување ефикасен систем на меѓусебна координација.
За координаторка на телото е избрана Јадранка Стојанова, претставничка од МВР – ОВР Делчево. На состанокот беа усвоени и Програмата за работа за 2027 година, Правилникот за деловна тајна и доверливост, како и портфолиото на телото, со што се поставуваат основите за негово организирано и континуирано функционирање.
Програмата за работа за 2027 година опфаќа три клучни области: институционално јакнење и одржливост на телото, партиципативно креирање и спроведување локални политики и актуелизирање на проблемот со родово базираното и семејното насилство, со цел поефикасна превенција и заштита.
Предвидени се редовни работни состаноци, унапредување на комуникацијата меѓу институциите, информативно-едукативни активности во училиштата и населените места, јавни кампањи, како и анализа и следење на состојбите и преземените мерки во оваа област.
На состанокот биле донесени и заклучоци за спроведување заеднички превентивни и информативни активности во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Активностите ќе бидат насочени кон подигнување на јавната свест, препознавање на различните форми на насилство и информирање на граѓаните за достапните механизми за поддршка и заштита.
Мисијата на Локалното координативно тело е преку заедничко дејствување на институциите и граѓанските организации да се планираат и спроведуваат мерки и политики за намалување на родово базираното и семејното насилство на локално ниво, со визија за создавање заедница без насилство врз жените и девојките.
Со повторното активирање и зајакнување на овој механизам, Општина Делчево, локалните институции и граѓанскиот сектор ја потврдуваат определбата за системско и континуирано дејствување во превенцијата, навременото препознавање и заштитата од насилство, како заедничка одговорност на институциите и целата заедница.

