Ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино ја посетија Општина Неготино, каде имаа можност одблизу да се запознаат со работата на градоначалничката и функционирањето на локалната самоуправа.
Градоначалничката Марија Нацева информираше дека во нејзиниот работен кабинет денеска ги пречекала учениците и нивните наставници, во рамките на редовните едукативни и работни посети што ги реализираат учениците од основните училишта во општината.
За време на посетата, учениците се запознале со надлежностите на градоначалникот, начинот на донесување одлуки и нивното спроведување во практиката.
– Учениците од основните училишта од нашата општина редовно остваруваат едукативни и работни посети на општинските установи и градоначалникот во рамки на изучувањето на наставни предмети. Така, денеска во работниот кабинет имав посета од ученици и наставници од ООУ „Страшо Пинџур“ при што на учениците им беше овозможено да се запознаат со работата на градоначалникот и на локалната самоуправа. Учениците ја искористија можноста да остварат директен контакт со мене како градоначалничка и да поставуваат прашања во врска со надлежностите, начинот на носење одлуки и нивно реализирање – напиша Нацева на нејзината Фејсбук-страница.
Нацева истакна дека љубопитноста, искреноста и насмевките на учениците ја направиле средбата особено пријатна, изразувајќи надеж дека и во иднина ќе има можност за вакви средби со младите неготинци.
Ваквите посети имаат едукативна улога, овозможувајќи им на учениците преку непосредно искуство да ги запознаат институциите и значењето на локалната самоуправа.

