По повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) во Скопје ќе одржи Национален форум на тема „Дијабетесот во Македонија – од приоритети до конкретни решенија“, посветен на унапредување на здравствената грижа и подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес.
Форумот ќе се одржи во InnoX Center во Скопје, а неговата цел е да поттикне отворен дијалог меѓу институциите, здравствените професионалци и пациентските организации за утврдување на приоритетите и дефинирање конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат лицата со дијабетес.

Во фокусот на дискусиите ќе бидат достапноста и континуитетот на современата терапија и медицинските помагала, подобрувањето на пристапот до специјалистички прегледи и здравствени услуги, навремената дијагностика и превенцијата на компликациите, како и здравствената едукација и поддршка на пациентите.
Најавени се воведни обраќања на министерот за здравство, Сашо Клековски, директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни состојби и претседател на Националната комисија за дијабетес, проф. д-р Ирфан Ахмети, како и претседателот на СЗДМ, Димче Велев.
Според организаторите, заклучоците и предлозите од форумот ќе бидат систематизирани во документ со утврдени приоритети и препораки за институционално постапување, кој ќе биде доставен до надлежните институции.

