Првиот пациент што ја прими руската персонализирана вакцина против рак го завршил третманот, а претходно откриените метастази повеќе не биле забележани. Дури и во текот на четирите месеци по завршувањето на третманот, не се откриени нови туморски промени – изјави академикот и научен директор на Центарот „Гамалеја“, Александар Гинзбург.
Станува збор за пациент што боледувал од меланом, кој ја примил вакцината „неонковак“, базирана на мРНА-технологија. Подготовката се прави индивидуално за секој пациент врз основа на генетските карактеристики на неговиот тумор, со цел да се насочи имунолошкиот систем кон препознавање и уништување на малигните клетки.
Според Гинзбург, пациентот е сè уште под редовен медицински надзор.
Секој месец прави детални прегледи, вклучително и КТ со висока резолуција, каде што лекарите обрнуваат посебно внимание на лимфните јазли и можната појава на нови туморски промени.
Следењето на неговата здравствена состојба ќе трае три години, а академикот нагласи дека сè уште е рано да се извлечат конечни заклучоци за долгорочната ефикасност на терапијата.
Според достапните информации, досега вакцината ја примиле шест пациенти, а планот е до крајот на годината да се администрира третман за вкупно 20 лица.

