Итно и неодложно уште утре да се закаже продолжението на надзорната расправа за Алта банка. Ова денеска го побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, за, како што велат, конечно да се расчистат сите недоумици околу случајот со битолската Алта банка. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ја обвини опозицијата дека бега од вистината и дека нема намера да свика продолжение, само за да не се соочи со фактите, по дебаклот што го доживеа уште на првата расправа, откако премиерот Мицкоски го покажа документот дека не ВМРО-ДПМНЕ, туку СДСМ во 2023 година аминувале деловни односи со српската банка и нејзиниот контроверзен сопственик.
„По вчерашното фијаско кое самите си го приредија, денеска нè известија дека немаат намера да свикаат продолжение. Ние, како пратеничка група од мнозинството, бараме итно и неодложно утре да биде свикано продолжението на надзорната расправа, со цел да продолжи испрашувањето на сведоците, за да можеме конечно вистината да ја расветлиме. Во текот на денот, една третина од членовите на Комисијата за финансирање и буџет, писмено ќе се обратиме до претседателката Сања Лукаревска, со цел, повторно ќе кажам, итно и неодложно, утре да ја продолжи надзорната расправа, со цел усвојување на заклучоци. Сè друго е бегање од вистината, бидејќи, како што кажав претходно, беа вчера соочени со истата и сите можевте да видите како заврши“, рече Стојаноски.
Од СДСМ, пак, се бранат дека утре била закажана расправата за Буџетот за 2027 година и дека двата процеса паралелно не можеле да се одржат. Лукаревска појасни дека за продолжението на надзорната расправа за Алта банка ќе ги извести и сведоците и пратениците за датумот и времето на одржување, а дека нивната намера не била да ја загушат надзорната расправа, туку, напротив, сакале да ги слушнат сите неодговорени прашања што буделе интерес во јавноста.
„Да не заборавиме дека утре во 11 часот почнува и расправата за Буџетот за 2027 година во Комисијата за финансирање и буџет. Тоа се два паралелни процеса кои се под капата на Комисијата за финансирање и буџет. Па да се одлучи што е побитно, кој е подржавотворен процес”, изјави Сања Лукаревска – пратеник на СДСМ.
И ова не е првпат да се одолговлекува процесот на расправа за Алта банка. И покрај тоа што уште на 2 ноември имаше консензус меѓу власта и опозицијата за надзорна расправа, претседателката на надлежната комисија, Сања Лукаревска, ја закажа дури по девет дена, односно на 11 ноември. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека со пролонгирањето на расправата Венко Филипче само купува време за да шири страв и хистерија меѓу граѓаните, време кое му треба за ден повеќе да опстане во фотелјата на Бихаќка.

